1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заборавените бегалци во Босна

Зоран Арбутина / Елизабета Милошевска Фиданоска16 мај 2012

Од денеска (16.05) српскиот екс-генерал Ратко Младиќ одговара пред Хашкиот трибунал, поради убиство и прогон на стотици илјади муслимани. Дел од босанските бегалци се‘ уште живеат во кампови и паѓаат во заборав.

https://p.dw.com/p/14vwY
Фотографија: DW

Ајша Хукиќ е навикната да биде сама. Во Драфници, мала населба во североисточна Босна, ретко има посетители. Тука живеат пред се‘ постари жени, а и тие не го одбрале местото на живеење по своја желба. Ајша Хукиќ и нејзините сосетки се воени бегалци чии мажи и синови се убиени. Ако некој сепак дојде во посета, старата жена му сервира кафе - црно со шеќер, тоа е наводно добро за срцето.

На Ајша и‘ помогнало - и покрај нејзините 73 години, секогаш е во движење. Потекнува од Сасе, село во близина на Сребреница. Таму живеела како самохрана мајка со своите пет синови и една ќерка. Кога во 1992 година армијата на босанските Срби под раководство на генерал Ратко Младиќ се обиде да ја освои источна Босна и да го протера тамошното муслиманско население, малото место се најде одеднаш на линија на фронтот. Сите петмина синови и‘ биле убиени во рок од два месеца во борбите околу Сребреница. „Немаше ден или ноќ, а јас да не плачам за своите синови. Беа толку добри. Сега ги нема“, раскажува Ајша со солзи во очите.

Flüchtlinge aus Srebrenica
Ајша ХукиќФотографија: DW

Без милост, без прошка

Во јули 1995 година војниците на Младиќ ја освоија Сребреница и убија околу осум илјади муслимански мажи. Ајша морала да го напушти градот. Заедно со ќерката Хајра и внукот Фуад стигнала во бегалскиот камп. Двете жени и денес, 17 години потоа, живеат тука.

Во меѓувреме, внукот пораснал, а ќерката Хајра нашла работа во локалната пекарница. Сепак, минатото не ги остава намира. „Никогаш нема да ги заборавам браќата. Никогаш нема да заборавам што се случи! Ми ја одзедоа младоста“, вели 40-годишната Хајра.

Вели дека не може да му прости на српскиот екс-генерал Ратко Младиќ. Не може нему да му се даваат права, какви што тој не им даде на своите жртви, вели Хајра. „Хашкиот трибунал не смее да му дозволи адвокат, тој треба да добие највисока можна казна. И се‘ треба да биде јавно, сите да знаат. Така треба да сето да се заврши“, бара таа.

Flüchtlinge aus Srebrenica
Бегалскиот камп ДрафнициФотографија: DW

За бегалците речиси никој не се интересира

Животот во бегалскиот камп е траен провизориум. Населбата нема асфалтирани улици и вода за пиење. Но двете жени не мислат на враќање во Сребреница: „Нема каде и за што да се вратиме“, вели 73-годишната Ајша и огорчено додава: „Не сум веќе толку глупава за да одам повторно таму кадешто се Србите. Подобро веднаш би скокнала в река!“ Ќерка и‘ ги потврдува зборовите со климање со главата.

Во бегалскиот камп нема работа, па речиси и нема перспективи. Во земја, во која стапката на невработеност официјално изнесува 43 проценти, луѓето имаат доволно свои грижи. Судбината на воените бегалци не го интересира никого.

Враќање како задоцнета сатисфакција

Затоа не е изненадување што најмладиот во семејството, синот на Хајра - Фуад, е иселен во Сараево. Дваесетгодишникот имал три ипол години кога семејството со автобус морало да си замине од родното место. „Не можам да се сетам на многу работи, но знам дека тогаш престанав да зборувам“, се сеќава Фуад. „Седев со мајка ми во автобус, кога влезе еден човек. Прашав кој е тоа, а мајка ми одговори: ’Молчи! Инаку ќе не‘ заколат!’ Потоа не прозборев цели три години“, вели Фуад.

Flüchtlinge aus Srebrenica
Внукот на Ајша, Фуад, ќе се врати назадФотографија: DW

Денес тој студира исламска теологија и за разлика од баба му и мајка му сака по студиите како имам да се врати таму кадешто Ратко Малдиќ некогаш се обидел да ја протера неговата фамилија засекогаш - во Сребреница. „Таму припаѓам, оттаму доаѓам, тоа се мои луѓе“, вели Фуад и се насмевнува полн со надеж. Тоа е негов личен придонес за мултиетничка Босна. И тоа е шанса да му докаже на Младиќ дека неговиот план за „етничко чистење“ пропадна.