Заборавената „Босанска пролет“
10 април 2014Кога на почетокот на февруари избувнаа демонстрации ширум БиХ, сите помислија дека е дојдено време за промени и дека граѓаните конечно ќе го запрат безвластието кое се спроведува над нивните животи во последните дваесет години. Граѓаните се организираа во Пленуми, и тоа е, се согласува мнозинството, единствениот резултат произлезен од февруарските протести. Аналитичарот Пејо Гашпаревиќ вели дека, за жал, освен претставите за медиумите, не се изроди ништо политички опипливо:
„Нема ништо што може да се нарече резултат на протестите. Тоа и не треба да чуди, зашто самата организација на протестите имаше незгодна политичка цел, а тоа е правење некој вид неред без политички резултат“, вели Гашпаревиќ.
Стари барања, нова приказна
Навистина, на протестите во февруари илјадници луѓе на улиците на градовите низ цела БиХ бараа право на подобар живот, сузбивање на криминалот и корупцијата, ревизија на приватизацијата... Два месеци подоцна, неколку десетици граѓани на БиХ повторно ги поставија истите барања пред владата на Федерацијата. Овојпат тоа беа членови на Пленумот од сите градови, „Пленум над Пленумите“, а освен транспаренти и предупредувања, ништо конкретно не е направено. Ни два месеца подоцна барањата не се артикулирани, сеедно дали низ еден човек или помала група луѓе.
Феѓа Фајиќ, активист од Мостар, уште еднаш ги прочита барањата на граѓаните пред владата на Федерацијата во Сарево на протестите вчера (09.04):
„Оставка на владата на Федерацијата на БиХ, прекинување на сите приватизации и ревизија на досегашната приватизација, укинување на бенефициите на вработените во институциите и органите на јавната администрација, итно усогласување на пензиите со порастот на платите во Федерацијата на БиХ, моментен прекин на сите задолжувања кај меѓународни и домашни банки за да се финансира јавната потрошувачка“, рече Фајиќ пред насобраните граѓани.
Тоа се барањата и од пред два месеца, а власта оттогаш и ги разгледува, играјќи се со граѓаните и префрлајќи ја надлежноста од една на друга институција. Премиерот на Федерацијата на БиХ Нермин Никшиќ, како и пред два месеца, и сега вели дека владата ќе ги разгледа барањата и. т.н.
Кои се можните сценарија?
Се‘ е и натаму во доменот на транспарентите: „Гладни сме на три јазици“, „Ве чека Санадер“, „Дали ќе молчиме додека тие крадат“, „Крадци, крадци“...Прашање е дали и кога ќе биде нешто конкретно од реакцијата на граѓаните, како и - што. Смена на власта, сметаат аналитичарите, во овој момент не би значела ништо, зашто само би ја усложнила ситуацијата, со оглед што изборите се пред врата. Од друга страна, чекање на изборите значи чекање до следната година, до формирање на власта, посебно ако нејзининото формирање биде според сценариото од 2010. година.
Гашпаревиќ стравува дека ни следниот период нема да донесе конкретни резултати во работата на Пленумите или протестите на граѓаните.
„Тие го загубија оној почетниот ентузијазам, ако воопшто и го имаше, а освен тоа, тие од почеток не беа насочувани како што треба, што за последица има два месеца протести без резултати“.
Пораката до власта е дека граѓаните ќе протестираат во своите градови секој ден додека нивните барања не бидат исполнети, а ако тоа не се случи, најавуваат дека на изборите во октомври ќе се обидат да ја променат ситуацијата. Тоа само потврдува дека и граѓаните веќе не очекуваат дека власта сериозно ќе ги разгледува нивните барања, освен со цел можеби на собирање политички поени во текот на предизборната кампања.
И во Република Српска се‘ помалку демонстранти
Што се однесува на другиот дел од БиХ, Република Српска, власта успеа да смири дел од јавноста, поточно, армијата буџетски корисници, покачувајќи им ги платите за пет проценти, иако пари во буџетот нема. Многумина веруваат дека по изборите ќе дојде до наплата на тоа зголемување, кога ќе мора повеќекратно да се врати за да се покрие буџетскиот дефицит.
Само најупорните, ветераните на РС, протестираат и натаму, навистина во помал број, барајќи и натаму формирање фонд за помош на невработените, како и објавување регистар на борците кои се финансираат од буџетот. Душко Вукотиќ вели дека нема да се откажат од борбата.
„Ако не ги прифатат нашите барања, ќе решиме што натаму, но нема да се откажеме се‘ додека нашите барања не дојдат на дневен ред на Собранието и не почне да се расправа за нив“.
До изборите останаа околу шест месеци и како што сега изгледа, промените, ако ги има, ќе се бараат во некои нови кандидати. Едно од решенијата е формирање листи на Пленуми со кои би се излегло на избори со сериозни кандидати и на тој начин, со доаѓање на власт по директен пат, би се оствариле барањата. Со динамиката со која сега се решаваат тие барања, според мислењето на јавноста, не треба да се очекуваат било какви решенија од актуелната власт.