1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Европа

Карин Јегер / Елизабета М. Фиданоска25 мај 2014

Денеска (25.05) во Германија граѓаните со право на глас се повикани да излезат на изборите за Европскиот парламент. Од вкупно 751 европратеник во ЕП, 96 се испратени од Германија. Кампањата беше млака.

https://p.dw.com/p/1C6C9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Понеделник наутро, осум часот. Аксел Фос со вратоврска која му се вее околу главата и откопчано палто брза кон аулата на бонската гимназија „Фридрих Еберт“. Нему денеска повторно му претстои маратон, не во трчање, туку во зборување и оправдување. Фос, имено, сака да го одбрани своето место на пратеник во Европскиот парламент (ЕП). Неговата партија, ЦДУ, на малкуте огромни плакати се бори за гласови со ликот на Ангела Меркел. Канцеларката не сака да добие место во ЕП, но нејзе барем ја знае секој, во Германија и во Европа.

Мартин Шулц, врвниот кандидат на СПД, како претседател на ЕП, е еден од претставниците во европарламентот со најдолг стаж. Тој е лицето на социјалдемократите, иако и тој воопшто не стои на ливчето за избор во регионот Келн-Бон. Зелените сакаат да добијат гласови без лица на кандидати и со слогани како „Да се живее со разноликоста е најдобар избор“. Аксел Фос се бори за себе. Со фотографии на плакати и со свое присуство. „Посакувам да бев попознат“, признава со насмевка. Конечно, тој е претставник на три милиони граѓани во ЕУ. Толку е имено голема неговата изборна единица. Изборните плакати си ги платил сам. Вели дека вреди тоа да се стори за Европа. „Учете странски јазици“, им препорачува веднаш на почетокот на своето обраќање на учениците во Бон, известувајќи како се разбира во својата многујазична „ЕУ-фамилија.

Europa-Wahlkampf 2014
На плакатите на ЦДУ - Ангела МеркелФотографија: DW/K. Jäger

Одушевување за Европа

Учениците во билингвалното училиште сметаат дека тоа е добро. Фос потоа раскажува дека од Бон за Брисел патува од 2009 година. Правникот тогаш имал 46 години, што се смета за прилично висока возраст за да се почнува кариера на европратеник. „Се лутев и нервирав од тоа како политичарите постапуваат со парите и и самиот влегов во трка.“ Вели дека се чувствува како дел од политичкото семејство. Затоа пак „страда“ неговото сопствено семејство.

Зошто е потребна Европа, го прашуваат учениците. „Миграција, заштита на животната средина, енергетска безбедност, надворешна и безбедносна политика - тоа се предизвиците на кои националните држави не можат сами да најдат одговори.“ Што му лежи особено на срце? „Кога товарните возови татнат од Амстердам до Џенова, тогаш се залагам за мерки за заштита од бука. Дел од моите тежишта се и заштитата на животната средина и на податоците“, одговара Фос и наведува примери, можности за решенија на некои проблеми и формулира и прашања: „Сакаме ли ние во Европа да имаме приватна сфера и натаму?“ Самиот вели дека тој на прашањето одговара позитивно и реферира за тешкотиите при повлекувањето граници. Младите го слушаат со големо внимание. Тие сметаат дека Европа без граници, отворена кон светот и мирна, е супер! Велат дека им е интересно и тоа што Фос раскажува за своето секојдневие, за културата на спротивставување аргументи, за огромната бирократија, за процесите во парламентот и за проблематичините нормативи за „правосмукалки, машини за кафе, краставици и банани“.

Europa-Wahlkampf 2014
Аксел Фос пред учениците во БонФотографија: DW/K. Jäger

Фос држи политичка настава, не води изборна борба. Тоа воопшто и не смее да го прави во училиште. Учениците и онака немаат право на глас. Тој е поканет како член на ЕП.

Фос ги фали младите за нивната одушевеност и добрата подготовка за средбата.

Аплауз и „бу“-извици

И во Келн учениците покажуваат голем интерес за Европа, но таму за Фос е многу потешко да се докаже. Зашто, во училишната сала на една гимназија во населбата Дојц, вербална борба водат претставници на пет партии. Присутните, околу 300 на број, ги коментираат нивните забелешки или со аплауз или со „бу“-извици.

Europa-Wahlkampf 2014
Во Келн жестока дискусијаФотографија: DW/K. Jäger

Тука не игра никаква улога фактот дека кандидатите од Партијата на левицата, на Зелените, на СПД и на Либералната партија немаат воопшто освоено место во ЕП и се уште понепознати од Фос. Дискутантите особено жестоко се расправаат за еврообврзниците, минималната плата, даноците, унгарското свртување в десно, мешањето на Русија и Европа во работите на Украина и планираниот Договор за слободна трговија со САД.

„Сакам ЕУ да постои и по 25 години. Тоа не е нешто што се подразбира само по себе, зашто е напаѓана од десничарските и левичарските сили“, вели Петер Албертс во своето завршно излагање, додавајќи: „Посакувам цивилна сила Европа во добро соседство.“ „Звучи убедително“, оценуваат две ученички кои веднаш би му го дале својот глас на кандидатот на Зелените кога би смееле да гласаат. Или сепак на Левицата, зашто тие се против извоз на оружје? Човекот на ЦДУ им е некако преконзервативен.

Кандидатот тука, заинтересирани речиси нема

Аксел Фос веќе нема време за индивидуални дискусии. Нив ги води подоцна, во пешачката зона на Бон. Еден човек кој имигрирал од Иран сака по секоја цена да излезе на гласање. И, тој во тоа е дел од малцинството во Германија. Различни анкети, направени на десет дена пред изборите, велат дека за европските избори се интересираат само околу 40% од граѓаните со право на глас.

Europa-Wahlkampf 2014
Фос во пешачката зона на БонФотографија: DW/K. Jäger

За која партија ќе гласа човекот по потекло од Иран не сака да каже. Вели дека му се важни мирот, слободата и правдата. Загрижен е за својата пензија. Но тоа не е прашање за кое одлучува Брисел. Сепак, го радува што може да разговара лично барем со еден претставник на народот.