1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Жртвите од поплавите во САД се плашат од она што ги чека

ЕМФ / дв
31 август 2017

Стотици илјади луѓе во поплавените подрачја во Тексас стравуваат за својата егзистенција. Само малкумина имаат склучено осигурувања со кои ќе ги наплатат штетите на куќите и фирмите.

https://p.dw.com/p/2j7tX
USA Texas Hurrikan "Harvey"
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/C. Riedel

Повеќе од 80 проценти од жртвите од поплавите во Тексас не се осигурани од штети, пишува „Вашингтон пост“. Според гувернерот Грег Ебот, на Тексас најверојатно му се потребни 125 милијарди долари од американската влада за обнова. Со оглед на големината на подрачјето погодено од катастрофата, тој износ можеби и нема да биде доволен, изјави Ебот.

Огромните штети, според мислењето на критичарите, се настанати и поради немањето соодветна градежна политика во регионот на Хјустон. Регионите кои порано важеле како подрачја за прелевање на водата во случај на поплави, во изминатите децении се пополнети со објекти за да се одговори на потребата од станови поради зголемениот број жители. Освен тоа, Тексас е познат и по својата „непријателска“ политика на регулирање на обесштетувањата. Последно во мај Ебот потпиша закон кој на осигурителните компании им овозможува полесно да ги одбијат барањата на клиентите во случај на штети настанати од град.

Освен тоа, американскиот претседател Доналд Трамп, во предлог буџетот изминатата пролет најави кратења во министерството за градежништво и агенцијата за заштита од катастрофи ФЕМА. Се прават и чекори назад во истражувањето на климата, а Трамп на 15 август потпиша директива со која се отстапи од обврската што ја наложи неговиот претходник Обама за планирање мерки против поплави при изградбата на инфраструктурни проекти.

USA Hurrikan Harvey Texas
Фотографија: Reuters/A. Latif

Критики на сметка на Трамп

Според властите во Тексас, во сместувалишта поради поплавите се однесени околу 32.000 луѓе. Повеќе од 200.000 луѓе се пријавиле за примање на итна помош.

Меѓу нив е и Тера, мајка на 4 деца. Во разговор за ДВ таа раскажува дека прво чекала да види дали ќе се зголеми нивото на водата. Потоа, во рок од само неколку часа, нивото се зголемило толку, што семејството донесло долука да ја напушти куќата и тргнало во насока на соседниот имот. Но, станувало сѐ поопасно. Било предоцна да се бега. Се јавиле за да бараат помош, но не дошол никој. „Бев во вода до висина на рамената, ги држев грчевито своите деца и мислев дека сите ќе умреме!“ Спасени биле со чамец дури по неколку часа, благодарение на братот на Тера, кој не излегувал од противпожарната станица додека спасувачите не тргнале во нивен правец.

„Ова е невидено“

Тера ги обвинува властите: „Немаше предупредување дека ќе биде толку лошо. Требаше сите да нѐ евакуираат.“ За Трамп и неговата посета на Тексас таа има јасен став: „Тој треба сега да е овде и да помага, да дели топол оброк на жртвите. Обама ќе го направеше тоа!“

Досега официјално е потврдена смртта на десет лица, меѓу кои и еден удавен полицаец. Но, неофицијално се проценува дека има многу поголем број жртви. „Њујорк Тајмс“ извести за околу 30 загинати, Си-Ен-Ен за 24 жртви во Тексас.

USA Hurrikan Harvey Texas
Фотографија: Reuters/A. Latif

Курс кон Луизијана

Додека дождот во Хјустон попушта, бурата Харви удира по втор пат - овојпат на границата меѓу истокот на Тексас и западот на Луизијана. Стотоици илјади луѓе се подготвуваат за поплави. Градоначаникот на Порт Артур, Дерик Фриман, на Фејсбук напиша: „Целиот град е под вода.“

Метеоролозите очекуваат рекордни количества дожд во Луизијана - повеќе од 60 сантиметри, но тоа сепак е помалку од количествата кои паднаа во Текас. Таму за неколку дена паднаа 125 сантиметри дожд, што претставува рекорд во САД.