1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестоко против корупцијата

Драган Максимовиќ / Симе Недевски18 септември 2013

Во БиХ владее висок степен на корупција, а власта сѐ уште нема волја да се соочи со овој проблем. Еден од чекорите е стратегија за борба против корупцијата, за што дискутираше Собранието на Република Српска (РС).

https://p.dw.com/p/19k0L
Фотографија: Fotolia/Natalia D.

Декларативни оценки, како јакнење на капацитетот на сите органи за борба против корупција, поттикнување на активноста на медиумите и на невладиниот сектор, се само некои од содржините за нова стратегија за борба против корупцијата во РС. Новост во однос на минатата е тоа што со ова се опфатени т.н. информанти, односно лица кои пријавуваат корупција во институциите. Сепак, Драган Чавиќ, лидер на Народната демократска партија, смета дека стратегијата е мртов збор на хартија: „А тогаш во оваа стратегија се предлага владата да формира комисија за борба против корупцијата и антикорупциски тим. Тоа е контрадикторно со она што самите го заклучија, дека извршната власт е најнаклонета кон корупција.“

Пратениците од владејачката партија СНСД, но и ресорното министерство, на чие чело е Горан Златковиќ, кадар на Социјалистичката партија, се правдаат дека вакви стратегии имаат сите земји и дека ваков документ и‘ е потребен на РС. Златковиќ вели дека Владата во стратегијата се определила за систем против корупција: „... кој подразбира спречување, превенција, сузбивање, репресија и обука во образованието.“

Symbolbild Schmiergeld Korruption
Фотографија: picture-alliance/dpa

СДС: „Милорад Додик е закон“

Проблемот е во тоа, тврдат во опозицијата, што во РС ништо не се решава по законски пат, туку дека власта е во рацете на еден човек. Поради тоа, во СДС предложија воведување на нови законски предлози кога станува збор за корупција. Констадин Васиќ од оваа партија беше најјасен: „Член 1, Милорад Додик е закон. Член 2, ќе се гони само оној за кого Додик вели дека се замерил со него или со неговата партија СНСД...“

Претходната четиригодишна стратегија не даде никакви резултати, иако со неа беа дефинирани сериозни цели во борба против корупцијата. Се поставува прашањето - поради што оваа стратегија би била поинаква? Ивана Корајлиќ од Транспаренси Интернешнл вели дека стратегијата содржи многу декларативности без конкретни решенија: „Мислам оти стратегијата содржи многу работи, а дека не дефинира низ акциски план детално кои се тие активности кои ќе ја унапредат борбата против корупцијата во РС.“

Не ја работат сите својата работа

Проблем е тоа што нема конкретни активности, сметаат во невладините организации, бидејќи поголемиот број приказни се сведуваат на декларации, стратегии, препораки и некои други документи, но без акција. Слободан Поповиќ од СДП вели дека резултат нема, бидејќи сите во синџирот на борба против корупцијата не ја работат својата работа: „Ние немаме големи проблеми со законодавниот дел колку што имаме проблеми со спроведување на работите. Знаете кој ги спроведува работите.“

Милионски проневери во јавните компании, извлекување пари од одделни фирми, простување на даночни долгови на магнатите, луѓе блиски на актуелната власт, се само дел од она што ја обележува (анти)корупциската сцена, не само во РС, туку и цела БиХ.

Во речиси сите извештаи за напредокот на БиХ кои доаѓаат од ЕУ, оваа област е оценувана негативно. Кога законите за одземање на имот стекнат со кривично дело и слични нему бидат усвоени на сите нивоа, дури тогаш може да се тргне во сериозна борба против корупцијата, вели Елдан Мујановиќ од саревскиот Факултет за криминалистика: „Тие закони кога ќе бидат усвоени ќе имаат намена да го гонат токму организираниот криминал и корупцијата, особено на повисоко ниво, да одземаат имот стекнат преку тешки облици на кривични дела, вклучувајќи ја и корупцијата.“

Symbolbild Geldgeschenk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мора да се припише одговорност

Политиката е она што ја кочи борбата против корупцијата бидејќи за жал многу структури на власт во БиХ и сами се вмешани во најмала рака во сомнителни работи. Од друга страна, иако има волја, малку е веројатно дека вакви и слични документи ќе почнат да се применуваат наскоро, бидејќи предизборната кампања на големо започна.

Елдин Кариќ, директор на Антикорупциската мрежа АКАУНТ, го поддржува донесувањето на стратегијата во РС бидејќи без разлика на предизборната кампања вели дека тој документ РС имала обврска да го донесе: „Како и секој документ и овој мора да има во себе одредница одговорност, односно кој за што одговара и веднаш да се знае кој ќе сноси санкции доколку некој дел не биде реализиран“, заклучува Кариќ.