1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестоки реакции во Берлин на изјавите на Мекејн

Б. Георгиевски/афп2 мај 2014

Германските парламентарци остро реагираат на критиките од американскиот сенатор Џон Мекејн на сметка на канцеларката Ангела Меркел и нејзината политика кон Русија.

https://p.dw.com/p/1BsrA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во пресрет на разговорите на германската канцеларка Меркел со американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон, бура во германската јавност предизвикаа коментарите на републиканскиот сенатор и поранешен претседателски кандидат Џон Мекејн. Мекејн ја обвини Меркел дека ги блокира поострите мерки против Русија поради нејзините акции во Украина, поради лукративните бизнис-врски на Берлин со Москва.

„Ќе и‘ кажам дека не сум изненаден, туку посрамотен од неуспехот на нејзиното лидерство. Тие се лидери, но тие се владеени од индустрискиот комплекс во Германија“, рече Мекејн.

Републиканскиот сенатор Џеф Сешнс се придружи на критиките, оценувајќи дека е потребна „појасна, фокусирана и заедничка позиција, и Германија е во центарот на тоа“.

Изјавите предизвикаа вознемиреност во Берлин, а најпродаваниот дневен весник „Билд“ оцени дека Мекејн ја нападнал Меркел со глупави коментари.

Еден од водечките пратеници во конзервативната партија на Меркел - ЦДУ, Карл-Георг Велман, за онлајн изданието на „Шпигел“ изјави дека обвинувањата на Мекејн дека индустријата ги носи најважните одлуки за германската влада се „опасна глупост“.

„Нам ни е потребно да го зачуваме мирот во Европа и да ја одржиме западната алијанса во оваа тешка ситуација и канцеларката особено се труди тоа да го постигне“, рече Велман.

„На Мекејн би му било подобро да се погрижи повеќе да не се шпионираат најблиските сојузници“, му порача Велман на Мекејн.

И претставници на социјалдемократите, помалиот партнер во владејачката коалиција, ги отфрлија коментарите на Мекејн.

Angela Merkel Portrait im Bundestag
Ангела МеркелФотографија: Imago

„Тоа е жална форма“, вели пратеникот Ролф Муцених. „Мекејн се чувствува несигурно поради тоа што неговата политика кон Русија е многу контроверзна, дури и во САД“.

Меркел денеска (2.05) ќе разговара со Обама околу заедничката политика кон кризата во Украина, како и за евентуални нови санкции кон Русија.

Германија увезува околу една третина од нејзините потреби за гас и нафта од Русија и има силни трговски и економски односи со Москва. Иако отфрла евентуална употреба на сила во конфликтот, Меркел во последните недели го заостри тонот против Русија, а од нејзиниот кабинет најавуваат дека таа би прифатила израмнување на санкциите против Русија на ниво на американските, доколку состојбата во Украина продолжи да се влошува.