1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воздржан оптимизам на сириската опозиција

ЖА/дв/дпа/ртре24 јануари 2014

Денеска во Женева почнуваат директните преговори за решавање на сириската криза при што треба да се соочат двете завојувани страни. Посредникот на ОН во конфликтот, Лакдар Брахими, е соочен со тешка задача.

https://p.dw.com/p/1AwRu
Фотографија: picture-alliance/AA

Директните преговори за решавање на сириската криза почнуваат денеска (24.01) во Женева, а се очекува да траат повеќе денови. Лидерот на Сириската опозициска коалиција Ахмад Џарба прогнозира дека преговорите ќе бидат тешки и долги и оти ќе бидат разгледани сите суштински прашања, а во тој смисол и создавањето на преоден управувачки орган. Но тој покажува воздржан оптимизам: „И патот кој е долг над илјада километри, почнува со еден чекор“, изјави тој пред новинарите во Женева. Џарба нагласи дека позицијата на сирискиот режим за решавање на конфликтот и натаму е далеку од реалноста. Тој го обвини режимот на Асад за активна поддршка во ширење на исламистичкиот терор во последните двеипол години: тајните служби не случајно и не само во 2011. година ненадејно пуштиле на слобода голем број терористи, вели тој. Џарба тврди и дека владините трупи не се напаѓани во областите кои ги држат под контрола борци на групата блиска до Ал Каеда - Исламска држава од Ирак и Левант (ИСИЛ).

Почетокот на мировните разговори за сирискиот конфликт во швајцарскиот град Монтро во средата беше во знакот на жестоките меѓусебни обвинувања меѓу државното раководство и опозицијата. На почетокот на конференцијата учествуваа и министрите за надворешни работи или претставници на околу 40 држави и регионални организации. Сириската опозиција и САД побараа оставка на Башар ал-Асад. Русија и сириската влада го отфрлија мешањето од странство во внатрешните работи на земјата. Двете страни се обвинија меѓусебно за свирепост и злодела во борбите.