1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

„Железниот“ повторно во Хаг

Зоран Арбутина
30 мај 2017

На двајца поранешни шефови на српската тајна служба - Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, во Хашкиот Трибунал повторно треба да им се суди за воени злосторства.

https://p.dw.com/p/2doTx
Niderlande Haager Tribunal Prozess gegen Jovica Stanisic und Franko Simatovic
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Beekman

На 1 април 1992 година припадниците на парамилициската единица „Српска доброволна гарда“, наречена уште и „Тигри“, го нападна малиот град во источна Босна, во близина на границата со Србија - Бјелина. Водач на „Тигрите“ беше Жељко Ражњатовиќ-Аркан. Добро вооружени и обучени, со огромна логистичка поддршка од тогашната Југословенска народна армија (ЈНА), тие многу бргу ја презедоа контролата врз градот. Следуваа денови на хорор за муслиманските цивили во градот: убиства, силувања и грабежи се случуваа од час во час.

Arkan Zeljko Raznatovic 1995
Жељко Ражњатовиќ- Аркан и „Тигрите“Фотографија: picture-alliance/dpa/Drago Vejnovic

Оваа убиствена единица, која кратко време потоа беснееше и во други места во источна Босна по должина на границата со Србија и брзо стана најзлогласната паравоена трупа на Србите во војната во Босна и Херцеговина, беше основана, финансирана и вооружена од двајца господини во костум, чии канцеларии беа во Белград, и сега по вторпат мора да се појават пред суд поради тоа. Во првиот процес двајцата беа ослободени од обвинувањата.

„Десна рака“ на Милошевиќ

Јовица Станишиќ, наречен „Железниот“, во тој момент беше шеф на тајната служба на Србија, а Франко Симатовиќ негов заменик. Тие беа под директна команда на тогашниот властодржец Слободан Милошевиќ. Станишиќ важеше за еден од најблиските соработници на Милошевиќ за време на воените години. Во Белград важеше за јавна тајна дека тој е семоќен и оти без негово знаење не се случува ништо во земјата. Сите важни работи тој ги договарал со Милошевиќ, без писмен протокол, без сведоци, во звучно изолирана соба.

Токму и затоа тој важеше за еден од најважните обвинети пред Трибуналот на ОН за поранешна Југославија во Ден Хаг, кога во 2003 година доброволно се предаде. Претходно беше објавено дека против него и неговиот заменик е подготвено обвинение за командна одговорност за злосторства против човештвото во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Во неговата татковина и во соседните земји, Хашкото обвинение не изненади никого.

Недостаток на докази

Slobodan und Marko Milosevic und Stanisic
Слободан Милошевиќ (лево) и Јовица Станишиќ (во средина)Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Затоа дури поголемо беше изненадувањето, кога десет години и преку 100 сведоци на обвинителството подоцна, тогашниот претседавачки судија Алфонс Орие ги ослободи двајцата од обвиненијата. Во образложението на пресудата, тој изјави дека и покрај фактот дека Станишиќ и Симатовиќ ја организирале обуката на српските специјални единици, ги финансирале и раководеле со нив, нивната поддршка била од општа природа и не може директно да биде поврзана со воените злосторства.

Притоа не стануваше збор само за Аркановите „Тигри“. Двајцата раководители на тајната служба соосновале и финансирале и други парамилитарни специјални единици, како „Црвените беретки“ и „Скорпионите“,  и им ги дале сите слободи за терор против несрпското цивилно население. Со тоа српската политика на таканаречено „етничко чистење“ беше делотворно поддржувана и поттикнувана - што на крајот кулминираше со геноцидот во Сребреница во јули 1995 година.

Обвинителството побара доживотен затвор за Станишиќ и Симатовиќ, бидејќи се одговорни за убиствата и депортациите на десетици илјади Муслимани и Хрвати во БиХ и во Хрватска од 1991 до 1995 година. По наредба на судот, меѓутоа, двајцата обвинети беа ослободени и со редовен лет се вратија од Хаг во Белград.

Сѐ на почеток

Тогашниот главен обвинител на Хашкиот Трибунал, белгискиот правник Серж Брамерц меѓутоа не сакаше да ја прифати пресудата, со образложение дека „судот недоволно ги уважил поднесените докази“, и најави жалба.

Bijeljina Bosnien Herzegowina Krieg Zivilopfer
Во Бјелина беа убиени околу 1000 муслиманиФотографија: Emir Musli

Неговата аргументација гласеше: дури и ако нема непосредни докази за директен команден синџир од двајцата обвинети до вистинските сторители на злосторствата, нема сомнеж дека тие знаеле што прават српските парамилиции во Хрватска и БиХ. Тие, имено, биле свесно основани, опремени и ангажирани за такво нешто. Затоа, според Брамерц, Станишиќ и Симатовиќ, треба да бидат осудени за командна одговорност.

Петтемина судии на Апелацискиот суд ја прифатија оваа аргументација и ја укинаа пресудата во декември 2015 година. Тие наредија нов процес, кој треба да започне на 13 јуни. На двајцата обвинети, кои живеат како слободни луѓе во Белград, им е наредено да се пријават во затворот во хашката населба Шевенинген до денеска - 30 мај. Во спротивно ќе бидат барани со меѓународен налог за апсење.