1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Fußball EM 2012 Infrastruktur

9 октомври 2011

Стадиони во изградба, незавршена патна мрежа, немање доволно хотелски кревети - Украина, еден од домаќините на Европското фудбалско првенство 2012, е под притисок.

https://p.dw.com/p/12n0m
Фотографија: Aden

На 15 ноември австриската фудбалска репрезентација игра против украинскиот национален тим на новиот стадион во Лвов, изграден за Европското првенство. Но, таму каде што треба да се тркала топката и натаму наголемо се гради. Шефот на УЕФА Мишел Платини, за време на кусата посета на Украина, пред неколку дена, дипломатски рече дека во Лвов е препознатлив голем напредок, но и натаму има проблеми. Независните експерти и натаму се исклучително скептични во однос на тоа дали Украина ќе може да го исполни временскиот план пред Европското фудбалско првенство. 

Услугата е некогаш добра, но...

„Сервис - некогаш е навистина многу добро, но претежно во сите сфери има голем недостиг“, вели Матијас Брант, маркетинг експерт на Германското друштво за меѓународна соработка - ГИЦ. Тој знае за што зборува, веќе две години живее во Украина и и‘ помага на земјата во кампањите за имиџ пред Евро 2012.

Ukraine Maskottchen
Евро 2012 доаѓа...Фотографија: picture-alliance/Federico Gambarini

На пример, за да се стори нешто за културата на точење и пиење пиво во Украина, тој ја ангажирал Мишел Дизел, од Стручното училиште во Обертрум кај Салцбург. Експертот за гастрономија и поранешна Мис Австрија, облечена во традиционалната носија „дирндл“ му покажува на барменот Ростислав Савчак како да точи пиво, без притоа да звучи премногу „туторски“: „За одржувањето и чистењето на апаратот за точење пиво е потребно уште малку знаење, зашто често не знаат ако пивото тече само во облик на пена, зошто е тоа така. Што се однесува до суровините, до процесот на производство, знаат, но одржувањето на фрижидерите и слично е исто така многу важно.“

Стадион во фаза на карабина без приодни улици

Одговорните за изградбата на стадионот во Лвов, пак, имаат сосема поинакви грижи. На осум месеци пред првото свирче на Европското фудбалско првенство, Лвов-Арената изгледа како карабина, надворешните објекти одвај да ги има, а за асфалтирани приодни улици и да не зборуваме. Сепак, Володимир Онишук е сигурен дека временскиот план ќе биде испочитуван:

„На крајот на октомври е официјалното отворање. Со тој термин сме врзани и нема друг избор.“

Ukraine Stadion Lwiw Euro 2012 Flash-Galerie
Лвов-Арената е далеку од готоваФотографија: Christoph Kersting

Онишук мора да биде оптимист, тој е државен проект-менаџер за изградба на стадионот и е под притисок на време. Матијас Брант, пак, поинаку ја проценува состојбата - да, Евро 2012 главно ќе функционира, но што се однесува до стадионот во Лвов е скептичен дека во ноември тука ќе се одигра тест-натпреварот меѓу австриската и украинската репрезентација:

„Тешко можам да замислам дека ова ќе се заврши. Ако Австријците дојдат на 15 ноември, треба да си понесат гумени чизми.“

Покрај добри сообраќајници, на земјата и‘ се потребни пред се‘ капацитети за сместување на странските фудбалски навивачи. Според ГИЦ, во Украина на илјада жители нема дури ни два хотелски кревета. Само за споредба - во Полска има 24, а во туристичките земји како Италија дури 35 хотелски кревети на илјада жители.

Индиректни ефекти

Точење пиво и волшебност на играта со топка - Евро 2012 за Украина, вели Матијас Брант, е пред се‘ огромна шанса за подобрување на лошата инфраструктура:

Ukraine Lwiw Lemberg Straßenarbeiten
Украина се „бори“ со инфраструктуратаФотографија: DW

„Индиректниот ефект на кој што се надеваме е дека оваа земја, со нејзините многубројни позитивни страни, ќе стане повпечатлива на светската карта. Насекаде може да се констатира дека луѓето се образование. Убавината на земјата, се‘ до рудните богатства и индустрискиот капитал, кога сето тоа ќе се види, може да се разбуди поголем интерес за оваа голема земја со 50 милиони жители. Тогаш можеби ќе биде можно да дојдат и странски инвестиции, за се создадат повеќе трговски врски...“

И барменот Ростислав се надева на позитивни ефекти од Европското фудбалско првенство за неговиот роден град Лвов. Тој, се разбира, навива за репрезентацијата на Украина, но пред се‘ за Карпати Лвов. Тоа е најдобриот клуб на светот, вели 23-годишникот. Клубот игра на својот стадион. Тој е стар, но барем не е градилиште.

Автор: Кристоф Керстинг / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски