ЕУ сѐ позагрижена поради ангажманот на Кина на Балканот
30 ноември 2018Европската унија гледа со сѐ поголема загриженост на ангажманот на Кина на Балканот. Кина долго време се презентира како држава која со своите инвестиции наводно следи исклучиво економски интереси, но се работи токму за спротивното, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вчеравечер на Европскиот медиумски самит во австриски Лех. Според него, Кина има намера да го „одомаќи“ својот модел и во Европа.
Во основа, се работи за избор помеѓу диктатура и демократија, помеѓу социјална пазарна економија и турбо-капитализам. Во случајот на Балканот ЕУ би морала да одговори адекватно на предизвикот Кина. „Ние мора да ги ставиме под лупа преземањата на можни стратешки релевантни претпријатија од страна на Кинезите“, рече Хан. Со кинески пари во шест земји до Западен Балкан се градат електроцентрали, автопати и мостови.
Повеќе:
Има ли Кина тројански коњи на Балканот?
Зошто Кина инвестира на Балканот?
По прашањето на можното проширување на ЕУ, еврокомесарот оцени дека е тешко да се процени која земја од Западниот Балкан прва ќе успее да ѝ се приклучи на Унијата. Со Србија се очекува отворање нови преговарачки поглавја до крајот на годинава, Црна Гора веќе заврши 33 од 35 поглавја, но и Македонија би можела да го надополни изгубеното, доколку навистина успее да го реши спорот за името со Грција, оценува Хан, кој наредната недела патува во регионот. Тој нагласи и дека актуелниот судир на Србија и Косово околу царините треба да се сфати сериозно, но не треба да се преувеличува.
Повеќе: Што губи Западен Балкан со заминување на Меркел?
Зборувајќи на маргините на медиумскиот самит, Хан уште еднаш пледираше за прекин на принципот на едногласност на носење одлуки по прашањата од надворешната политика на Унијата и се заложи за одлуки со мнозинство гласови. „Тоа е основен предуслов за да може да се опстане во глобална конкуренција“, изјави еврокомесарот, додавајќи дека тој најмалку една третина од своето време троши во убедување на една или најмногу две држави да го прифатат она за што веќе се согласиле 26 или 27 земји членки на ЕУ.