1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

ЕУ плаќа за заплашување на мигрантите

Бернд Ригерт
29 август 2017

Толкаво единство се гледа ретко: на самитот во Париз, Европејците и Африканците се согласија дека миграцијата треба да се запре. Ако штимаат парите, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/2j0HA
Gambia freiwillige Rückkehrer aus Libyen auf dem Flughafen in Banjul
Фотографија: Reuters/L. Gnago

Францускиот претседател ја отвори политичката сезона по долгата летна пауза со еден вид седенка со чај во градината на Елисејската палата во Париз. Ако проблемот не беше толку ужасен, речиси може да се мисли дека Емануел Макрон ги имаше покането канцеларката, италијанскиот, шпанскиот и либискиот премиер и претседателите на Нигер и на Чад на идиличен муабет за најубавите искуства од летниот одмор. Но, ова попладне во Париз стануваше збор за судбината на стотици илјади луѓе, мигранти од Африка кои или се заглавени во Либија, или од своите татковини сакаат да се упатат кон Европа.

Новиот француски претседател му пристапува брзо, амбициозно и вешто на спроведувањето на новата европска политика за бегалци и миграции. Тој сака да им се претстави на своите сограѓани како некој кој дејствува и ова би можело да помогне повторно малку да го поправи лошиот рејтинг во анкетите. Другите гости ја споделуваат неговата цел за затворање на рутата за мигранти во централниот Медитеран и за задржување, колку што е можно, на луѓето во Африка, на кои треба да им се стави до знаење дека речиси немаат шанси да добијат азил и дека илегално ќе престојуваат во Европа.

Брзо и безобѕирно

Европската унија постапува сѐ побезобѕирно и ја игнорира загриженоста во однос на состојбите во Либија и на хуманитарната ситуација во Северна Африка. Италија не сака да прима уште повеќе луѓе, кои потоа не се дистрибуираат натаму во Европа. Шпанија внимава да не стане резервна рута за мигрантите. Канцеларката Ангела Меркел сака да ги спречи брановите бегалци од Италија преку Алпите кон Германија. Таа, конечно, за неполни четири недели сака и да победи на изборите за Бундестагот. Италија потпиша договор со Либија кој ѝ дозволува на либиската крајбрежна стража на отворено море да „лови“ мигранти или бегалци и да ги врати во Либија. Францускиот претседател на големо изненадување уште на почетокот на летото ги доведе на заедничка маса двајцата либиски противници, шефот на владата и бунтовничкиот генерал. Емануел Макрон дури и ја подгреа и старата идеја за т.н. хотспотови за проверка на барањата за азил во Либија, Нигер и во Чад. Дури и поголеми кампови за африканските мигранти во заглавени  на брегот на Либија или уште подобро - веќе на јужната граница, не се повеќе табу-тема. Агенцијата на ОН за бегалци УНХЦР и невладините организации можат да протестираат колку што сакаат. ЕУ одлучи дека дупките мора да се затворат.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

И рецептот веќе покажува резултати. Во јули преку Средоземното море дојдоа далеку помалку мигранти отколку во претходниот месец. Заплашувањето функционира. Што се случува со луѓето во Либија или на нивниот пат од Нигерија преку пустинските држави, на врвните европски политичари им е буквално сеедно. Само да не се гледа толку внимателно, гласи и мотото на Ангела Меркел, која само шепоти дека мора да се земат предвид индициите за лошата ситуација. Се разбира Либија треба да се придржува до законите, предупредува Меркел. Но никој не може и всушност не сака точно да го провери тоа. Новата политика може да прикаже барем еден успех: бизнисот на криумчарите и на трговците со луѓе им е темелно упропастен. 

Средбата во Париз сега служеше да се зацврсти овој курс на изолација и за тоа да се придобијат и транзитните земји Нигер и Чад. Тие по можност би требало се погрижат за тоа, мигрантите и бегалците воопшто и да не стигнат во Либија. Двете држави се вбројуваат меѓу најсиромашните земји во светот. Политичката контрола на елитите на моќта е слава. За соодветни поволности и парична помош  претседателите на Чад и Нигер ќе го сторат тоа. И тука големците од ЕУ нема внимателно да гледаат. Предупредувањата на УНХЦР на опасностите, кои им се закануваат на мигрантите, ќе бидат игрнорирани.

Кој е во потрага по подобар живот, треба да се врати назад

70 проценти од доселениците се таканаречени економски мигранти, проценуваат ОН. Тие не се принудени од никого да ја напуштата својта татковина, гласи аргументот кој во германската предизборна кампања може да се чуе не само во ултра-десничарските фракции на партијата Алтернатива за Германија. Канцеларката, која се бори за нов мандат, може значи да биде сигурна дека мнозинството од гласачите размислува слично. Изолирањето на бегалците во Северна Африка за ЕУ носи многу предности. ја растоварува Италија. Спорот околу распределбата на бегалците и мигрантите од Италија и од Грција во останатите членки на ЕУ барем ќе се ублажи. Кога и морските надворешни граници ќе бидат затворени, би можело во догледно време повторно да се укинат внатрешните граничните контроли во Шенген зоната. И по оваа точка досега се закануваше жесток спор во рамките на ЕУ. На средбата во Париз тврдината Европа беше поместена уште понатаму кон Африка. Макрон, Меркел и компанија тоа ќе го слават како победа. Но, тоа може да биде горчлив пораз за бројни мигранти. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија