1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не ѝ го препушта Балканот на Русија

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски28 август 2014

Берлинската конференција за Западен Балкан има за цел демонстрирање поддршка и обновување на пораката за приврзаност на ЕУ кон заедничка иднина со регионот. Берлин и Брисел сакаат да слушнат идентична, повратна порака.

https://p.dw.com/p/1D2gt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Официјален Брисел, од своја страна, „ја поздравува иницијативата на Ангела Меркел“ и повторува дека регионалните соработки и управување со економијата се „клучни фактори“ за процесот на проширување. „Тоа ќе биде можност за разговори за приоритетите како што се економијата, владеење на правото, обезбедување странски инвестиции, отворање нови работни места“, вели за ДВ, портпаролот на Европската комисија Петер Стано. И додека во Брисел најавуваат дека балканскиот самит во Германија е „прв во низата“ и оти следните се веќе закажани за 2015. и 2016. година во Австрија, односно во Франција, европските аналитичари укажуваат на недостаток на проширување на листата на приоритети на ЕУ, на „национализирање“ на тој процес од страна на земјите-членки, на видно заостанување на одделни земји од регионот, но и на важниот факт дека состанокот се организира во момент на затегнати односи меѓу Брисел и Москва.

Национализација на проширувањето“

Kroatien wird EU-Mitglied
Фотографија: AFP/Getty Images

Познавачите на европската политика веќе долго време укажуваат на фактот дека проширувањето престана да биде една од „клучните мисии“ на Европската комисија и оти тој процес е се’ повеќе воден од страна на Советот на ЕУ, односно од земјите-членки: „Имаме нешто што се вика 'национализација на проширувањето'. Земјите-членки повеќе учествуваат во клучните одлуки во тој процес, отколку само да се потпираат на препораките на Европската комисија. Тоа посебно се однесува на Германија и на нејзиниот Бундестаг, кој ја презеде речиси клучната улога во оценување на процесот во регионот“, објаснува за ДВ, Корина Стратулат, од Центарот за европска политика во Брисел. Таа оценува дека на тој начин процесот на проширување, од една страна, станува поинклузивен и подемократски, бидејќи, наместо само мислењето на Брисел, се бара и мислењето на националните парламенти.

„Од друга страна тука постои ризик од преголемо мешање на технократски процедури во процесот кој е веќе поставен, што го оддалечува од веќе договореното и попатно додава нови услови за правила, што предизвикува фрустрации кај оние кои работат на тој процес, но и кај граѓаните на земјите аспиранти за членство“, вели Стратулат и ги наведува примерите за влијание на одлуката на германскиот Бундестаг за албанската апликација за кандидатски статус во 2009. година, но и за почетокот на преговорите на Србија за членство, минатата година.

Дека во процесот на придружување денес се’ повеќе се мешаат и националните интереси на земјите-членки, и тоа на начин кој „не е секогаш од помош“, смета и Николас Вајт, од канцеларијата на „Независни адвокати“. Тој нагласува дека би било подобро проширувањето да остане „висок приоритет“ на Европската комисија, но и додава: „Сепак, е многу важно овој состанок да се одржи во Берлин. Канцеларката Меркел е водечки политичар во Европа. Таа е подоминатна веројатно и од своевремено Хелмут Кол, кој како рамнотежа ги имаше Французите, чии лидери се денес слаби. Значи, самиот факт дека таа на прашањето Балкан гледа сериозно среде големата криза со Русија, укажува оти Европа нема да крене раце од Балканот, дека тој регион останува европски интерес и идна териорија која нема да и’ се препушти на Русија. Изгледа оти со овој состанок се праќа јасна порака не само до земјите од Западен Балкан, туку и до Москва“, заклучува Вајт во разговорот за ДВ.

Од Балканот се очекува да го докаже својот „европски избор“

Покрај најавите на официјален Берлин и на Брисел, но и очекувањата кои доаѓаат од главните градови на земјите учеснички на конференцијата, европските аналитичари во прв план на дневен ред на оваа конференција го ставаат токму прашањето „посветеност на заедничката иднина“, што во овој момент директно се однесува на прашањето за врската на Западен Балкан, особено Србија, со Русија: „Мислам дека ЕУ на секој чекор ќе ги потсетува земјите од Западен Балкан дека доколку сакаат да влезат во ’клубот’, ќе мораат да ги почитуваат неговите правила. Не станува збор само за трговија, туку за целиот правен поредок во ЕУ, но и за балансот на моќта на континентот. Значи, слушнавме дека Србија, БиХ и другите земји од регионот направиле ’европски избор’. Ако е тоа така, тогаш тоа мораат и да го покажат“, смета Николас Вајт.

Оценувајќи ја иницијативата за состанокот во Берлин на канцеларката Меркел како „позитивна и контруктивна, а не критичка“, од Центарот за европска политика додаваат дека пред регионалните лидери, а „посебно оние од БиХ, Македонија и од Косово“ во Берлин ќе се најде прашањето на нивното заостанување во процесот на евроинтеграции. „Оваа иницијатива е поврзана и со потребата да се соочиме со фактот дека постои незавршена работа на Балканот. Тоа навистина е од особена важност во момент кога Русија ги 'покажува мускулите' во соседството, а некои земји на Балканот стагнираат, па дури и назадуваат во процесот на приближување кон ЕУ. Затоа е неопходна ревитализација на тој процес, неопходно е позитивниот сигнал од ваквиот ангажман на земјите-членки да се материјализира во конкретни чекори на приближување на балканските земји кон ЕУ“, вели Стратулат за Дојче Веле.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи