1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не ги заборава поплавените региони во Србија и во БиХ

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски26 јуни 2014

Претседателот на Европската комисија во заминување, Жозе Барозо, во недела (29.06) ќе го посети Обреновац, српскиот град погоден од минатомесечните поплави. Kаква помош од ЕУ навистина можат да очекуваат Србија и БиХ ?

https://p.dw.com/p/1CQMS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европската унија, покрај парите од своите наменски фондови, на 16 јули во Брисел ќе организира меѓународна донаторска конференција со цел собирање дополнителни средства за обнова на инфраструктурата и помош за милиони луѓе во Босна и Херцеговина и Србија погодени од минатомесечните поплави во регионот. Договорот за донаторската конференција неодамна го објави еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

„Би сакал да ги уверам граѓаните на БиХ и на Србија, како две земји кои се најмногу погодени, дека без оглед колкав буџет е потребен и без оглед кои инструменти ќе мора да се употребат, ЕУ ќе го стори за краткорочна и долгорочна санација на последиците од поплавите“, порача Филе.

Во Еврокомисијата проценуваат дека преку три милиони граѓани посредно или непосредно се погодени од поплавите и оти тешко оштетени се куќи, училишта и болници. Се предупредува и на фактот дека последиците од овие поплави ќе имаат влијание како на долгорочниот општествено-економски развој на БиХ и на Србија, така и на можноста за натамошна консолидација на реформскиот процес во двете земји, кои се на евроинтеграцискиот пат.

Balkan Hochwasserkatastrophe 20.5.2014
Фотографија: imago/Xinhua

БиХ и Србија не можат сами

Од Бисел порачуваат дека заради што поквалитетни подготовки на донаторската конференција неопходно е што побрзо и што попрецизно да се изготват извештаи за проценка на штетите настанати од поплавите. Во Брисел веќе е нагласено дека ни БиХ, ниту Србија немаат доволно капацитети ни ресурси за самите да се соочат со последиците од едни, како што се оценува, од најтешките поплави кои некогаш го зафатиле регионот. Еврокомисијата затоа веќе од предходниот буџет на претпристапните фондови (ИПА) обезбеди 65 милиона евра помош за БиХ и За Србија, како земји во евроинтеграцискиот процес. Од тие пари, три милиони евра се упатени веднаш преку Црвениот крст и тоа до најзагрозените во тие две земји, за да се одговори на нивните акутни потреби за храна, лекови и сместување.

„Преостанатите 62 милиона евра ќе бидат наменети за краткорочна и среднорочна реконструкција и помош на погодените подрачја. Овие пари се пренасочени од претходните програми во рамките на ИПА и ќе стојат на располагање до крајот на јуни. Тие ќе ја опфатат помошта во обновата на инфраструктурата, како и основните средства наменети за претпријатијата и фармите за тие да продолжат со своите активности“, порачуваат од Евркопската комисија.

Еврокомесаријатот за проширување планира од новата ИПА програма (2014-2020) да обезбеди дополнителни средства за поддршка на оштетената инфраструктура во Србија и во БиХ, како и за превенција на можни поплави во иднина и јакнење на механизмот на цивилна заштита во случај на природни катастрофи во регионот.

Jose Manuel Barroso Pressekonferenz in Brüssel 02.06.2014
Претседателот на Европската комисија на заминување, Жозе Мануел БарозоФотографија: /AFP/Getty Images

„Покрај овие мерки, ЕУ може да понуди помош и преку Фондот за солидарност. Србија за таа цел ќе биде третирана како земја-членка. Сега е редот на властите во земјата да претстават проценка на штетите, а ние потоа ќе го разгледаме тоа барање“, порача претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. Тој инаку во недела ќе го посети Обреновац, тешко погодениот град кој се опоравува од катастрофалните поплави.

Во Европската унија велат дека во рок од десет недели од поплавите се очекуваат веродостојни податоци за настанатите штети, врз основа на кои Советот на ЕУ и Европскиот парламент ќе можат да одлучат за помошта од Фондот за солидарност, формиран токму со цел - поддршка на земјите-членки кои претрпеле некоја природна катастрофа. Тие пари, барем првиот дел од нив, најрано наесен би можел да биде проследен од погодените земји.