1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ министрите за Хрватска, Србија и Црна Гора

13 јуни 2006

На вчерашната средба на министрите за надворешни работи во Луксембург беше отворено и првото поглавје на преговорите за прием со Хрватска.

https://p.dw.com/p/Adiw
Координаторот на европската надворешна политика, Хавиер Солана
Координаторот на европската надворешна политика, Хавиер СоланаФотографија: AP

И овде стануваше збор за непроблематичното подрачје на науката и истражувањата, каде ЕУ ионака нема големи надлежности.

Претседавачот со Министерскиот совет на ЕУ, Урсула Пласник изјави дека Хрватска е на многу добар пат. „Секако дека сме свесни оти тоа ќе биде долг пат, но треба да се сконцентрираме на заедничката цел„ – рече Пласник и додаде дека почетокот на преговорите за прием е доказ оти „европската перспектива не е само ветување, туку реалност.„

Еврокомесарот Оли Рен посочи дека го смета за реален планот Хрватска да ги доврши преговорите до крајот на оваа деценија, ако се‘ оди во најдобар ред и ако земјата го спроведува неопходните реформи. Шефот на хрватската делегација, министерката за надворешни работи и европски интеграции Колинда Грабар Китаровиќ порача дека Хрватска е решена да ги исполнува сите реформски обврски .

Министрите на вчерашната средба ги разгледаа и односите со Србија, при што Урсула Пласник нагласи дека тие ќе бидат повеќе тема на министерската средба спроти самитот на ЕУ в четврток во Брисел. Високиот претставник на Унијата за надворешни работи Хавиер Солана изјави дека за него и за сите други во ЕУ апсолутно е јасно дека Србија е од суштинска важност за стабилноста на Балканот, а тоа значи и цела Европа. Тој уште додаде дека ќе стори се‘ за да и‘ помогне на Србија да оди по патот на демократијата и градењето на институциите.

Министрите за надворешни работи во исто време констатираа со жалење дека главниот обвинител на Хашкиот Трибунал Карла дел Понте не можела да извести за никаков напредок во врска со апсењето на бараните воени злосторници од Србија, пред се‘ Радован Караџиќ и Ратко Младиќ. Тие нагласија дека соработката со Трибуналот е пресудна за трајното помирување во регионот, како и за отстранување на клучната препрека на патот кон ЕУ.

Конечно, министрите на 25 –те членки донесоа одлука да ја продолжат соработката со Црна Гора како независна држава, со што ја прифатија референдумската волја на црногорскиот народ. Урсула Пласник порача дека тоа не смее сега да доведе до нови поделби и ја нагласи важноста на дијалогот меѓу Белград и Подгорица. А нејзиниот италијански колега Масимо Далема порача дека чекорите на соработка со Црна Гора нема да бидат насочени против официјален Белград.