ЕУ и САД: Ова е време за дијалог, а не за насилство
27 април 2017Ова е време за дијалог, а не за насилство, рече амбасадорот на Шведска во Македонија, Мат Стефансон, кој како највозрасен дипломатски претставник во земјава, ја даде изјавата во име на сите амбасадори на ЕУ, но и на САД.
„Слушнавме вознемирувачки вести од Собранието кои резултираа со насилство и инциденти од страна на маскирани лица, напаѓајќи избрани претставници во парламентот. Ова е време за дијалог, а не за насилство. Апелираме сите да се воздржат од потпалувачка реторика, и апелираме дека полицијата има одговорност за воведување на редот“, порачаа амбасадорите на ЕУ и САД.
Вечерва и еврокомесарот Јоханес Хан го осуди насилството врз пратениците од парламентарното мнозинство преку Твитер:
“Ги осудувам нападите врз членовите на Парламентот во Скопје со најсилни зборови. Насилството НЕМА место во Парламентот. Демократијата мора да продолжи по својот тек”, напиша Хан.
Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу вечерва не одговараат на новинарски прашања, исто како и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите го повика Чавков да интервенира и да ги заштити новинарите во Собранието зошто тоа е негова должност, во спротивно ќе ја сноси целата одговорност. Вечерва демонстрантите искршија стативи и микрофони на неколку медиумски екипи.