ЕУ го поздрави договорот во БиХ
29 декември 2011Во заедничко соопштение шефот на европската дипломатија Кетрин Ештон и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, денеска го поздравија политичкиот договор склучен од босанските лидери за формирање на Советот на министри на Босна и Херцеговина.
Лидерите на трите главни заедници во Босна (Срби, Хрвати и муслимани) вчера постигнаа договор за состав на централна влада, ставајќи и на тој начин крај на 14-месечната политичка криза, која го блокира приближувањето на Босна кон ЕУ.
Беванда - кандидат за премиер
Вјекослав Беванда е кандидатот за иден премиер на централната влада на Босна и Херцеговина, потврди партијата Хрватска демократска заедница на БиХ (ХДЗ БиХ), која денеска ќе ја поднесе неговата кандидатура во босанското претседателство.
Во последните четири години Беванда беше министер за финансии на хрватско-муслиманската Федерација. Тогаш тој беше именуван како независен претставник, но подоцна се вклучи во ХДЗ БиХ. Дотогаш тој работел во банкарскиот сектор и се смета за голем експерт во областа на финансиите.
Автор:АТ/СН/миа/мф
Редактор: Симе Недевски