ЕУ бара клуч за босанската „брава“
21 декември 2013Шефовите на дипломатии на ЕУ најавија дека во 2014. повторно ќе разговараат за акциониот план за Босна и Херцеговина. На предлог на Словенија, Советот на министри за надворешни работи првото заседание во јануари би го започнал со работен доручек на кој би се разговарало за „нова, проактивна и посебно дизајнирана политика кон БиХ“. Во Брисел веќе подолго време се слушаат критики поради стагнацијата на БиХ на нејзиниот европски пат. Се споменува и потребата за именување на европски медијатор, по примерот на работата на високата претставничка Кетрин Ештон во дијалогот Белград- Приштина.
И додека ЕУ испраќа апели до политичките лидери во БиХ, во исто време се кратат и фондовите и се бара нов клуч за „босанската брава“, аналитичарите велат дека решението е пред нос.
„ЕУ мора да престане да се однесува кон БиХ како кон мало дете на кои му е потребна помош“, смета Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност. „Треба да престанат со решавање на апстрактните проблеми, како што е уставот. На БиХ треба јасно да и се кажат условите, што треба да биде сторени и кој е одговорен за тоа“.
Шиглмајер смета дека на БиХ треба да и се дозволи да поднесе барање за членство, бидејќи преку процедурата која следи- одговорање на Прашалникот, би се добила скенирана состојба во земјата. „Тогаш транспарентно и јасно би се видело каде се проблемите, а врз основа на тоа, потоа може да се тргне понатаму“.
Со ваквиот став се согласува и Марко Прелец, директор на Балканскиот проект.
„Она што Европа може да го понуди е стариот испробан рецепт на пристапни преговори. Досегашната политика беше да се третира БиХ како исклучок и да се инсистира лидерите во земјата да го решат, ако не најтешкото, тогаш сигурно едно од најтешките прашања, а тоа е односот на конститутивните народи, граѓаните и идентитетот на државата. Мислам дека треба да се оди во спротивниот правец и да се почне со технички задачи. Лидерите и административците во БиХ имаат капацитет да ги завршат тие задачи. Тоа би помогнало за созревање на климата во БиХ, каде за неколку години би можеле да се зафатат и со решавање на суштинското прашање на идентитетот на државата“, вели Прелец.
Што се однесува до идеите за нов европски медијатор за БиХ, во Европската комисија велат дека немаат информации оти нешто такво се разгледувало меѓу земјите-членки.