Етничкото изјаснување на пописот-штетно за Албанија?
17 февруари 2011На се‘албанскиот протест, како што беше најавен, изостана најавената масовна присутност. Претставниците на мрежата на албански организации во која членуваат десет организации од Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, јужна Србија (Прешевска долина) сметаат дека пописот што треба да се спроведе во април, е против албанските национални интереси и е на штета на албанската држава. Наместо пред парламентот, како што беше најавено, протестот е одржан пред зградата каде што е сместен Високиот совет за правда, за да искажат поддршка на иницијативите на неговиот потпретседател Крешник Спахиу.
Верското и етничко изјаснување не било по европски стандарди?!
Имено, Спахиу јавно е против попис во кој граѓаните може да ја искажат нивната верска и етничка припадност, што според него, како што пренесуваат медиумите, не било во согласност со европските стандарди. По негово барање се преиспитуваат и досегашните одлуки на судовите донесени по лично барање на граѓаните за промена од албанска, во друга националност.
Високиот совет за правда едногласно донесе одлука за инспекција и верификација на прашањето за промена на нациоаналноста, искажувајќи голема загриженост за уставните проблеми поврзани со ова прашање, ги инфомирал Спахиу соговорниците од, како што се наведува, се‘албанските простори.
Ставот на македонското малцинство е јасен
Ставот на македонското малцинство околу пописот е јасен и е идентичен со сите други малцинства, вели претседателот на партијата на Македонците во Албанија, Едмонд Темелко.
„Да има фер, демократски попис, да има графа Македонец, да се попишува слободно. За нас тоа е единствено прифатливо решение. Останатите други решенија се чиста манипулација, само да се направат поголеми загатки и да излезе што помал број на Македонци во Албанија“.
Темелко во името на Македонците искажа остра осуда на денешното собирање во Тирана, како и на ставовите на повеќе албански политичари и историчари кои ги изнесуваат околу пописот, а кои се против етничкото изјаснување на граѓаните.
Автор: Вера Тодоровска
Редактор: Жана Ацеска