1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ескалација во Турција

ЕМФ/ард/дв12 јуни 2013

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се закани дека веќе нема да има толеранција, а плоштадот Таксим е насилно испразнет од демонстранти. Улични борби во Истанбул имаше до доцна во ноќта (11/12.06).

https://p.dw.com/p/18o2N
Фотографија: Reuters

Во насилната интервенција на турската полиција против илјадници демонстранти има голем број повредени. Според различни извори на информации, бројот на повредените се движи од неколку десетици до неколку стотици. Полицијата против 30-те илјади демонстранти во Истанбул употреби водени топови, солзавец и гумени куршуми. Демонстрантите фрлаа со камења, молотови коктели и пиротехнички материјали. Со часови се водеа улични борби. Дел од младите луѓе кои протестираа поради страв од повреди, на рацете си ја имаат напишано крвната група. Во хотел, во близина на Таксим, е направена импровизирана станица каде се примаат повредените.

Властите прво најавија дека ќе биде расчистен само плоштадот Таксим, меѓутоа градоначалникот на Истанбул Хусеин Авни Мутлу вчеравечер остави простор од неговата изјава да се насети и поширока интервенција. Тој рече дека полицијата ќе преземе остри мерки и дека „целиот простор ќе биде исчистен“ од „маргиналните елементи“.

Во текот на вечерта полицијата влезе и во паркот Гези, по што, според информации на првата германска телевизија АРД, луѓето бегале во паника. Сега плоштадот Таксим, според известувачот на АРД, е сосема затворен, а на луѓето не им се дозволува пристап до него.

Türkei Premierminister Recep Tayyip Erdogan
Ердоган: Веќе нема толеранцијаФотографија: imago/Xinhua

Премиерот Реџеп Таип Ердоган на 12-от ден од протестите пред пратениците од неговата партија АКП во Анкара рече дека „оваа епизода е завршена“ и дека “„веќе нема да има толеранција“. Според Ердоган, „провокаторите и терористите ќе бидат гонети“ и никој не смее да мисли дека ќе се извлече. Премиерот и‘ се заблагодари на полицијата на нејзината работа. Ердоган оцени дека демонстрациите ширум земјата се целен напад за да се ослабне турската економија.

САД и ОН изразуваат загриженост

САД изразија загриженост поради насилната интервенција на турската полиција против демонстрантите. Конфликтот мора да се реши низ дијалог, изјави портпаролот на Белата куќа, Кејтлин Хајден. Американската влада очекува од својот близок сојузник да ги почитува фундаменталните права, како правото на слободно изразување на мислењето и слобода на собирање.

Istanbul Proteste und Gewalt Taksim Platz 11.06.2013
Фотографија: Reuters

И генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун рече дека внимателно ги следи случувањата во Турција. Според неговиот портпарол, „протестите треба да бидат мирни и треба да се почитува правото на собирање и на слобода на мислењето“.

Во протестите кои траат без прекин недела и половина, според наводи на лекари има повеќе од 5000 повредени. Освен тоа има и неколкумина загинати, меѓу кои и еден полицаец. Според турската влада, во протестите се повредени околу 600 полицајци.

Протестите прво беа насочени против планираното градење објект во паркот Гези, но во меѓувреме протестите се свртени против курсот на владеење на Ердоган кој, според демонстрантите, станува се‘ поавторитарен.