Есен за паметење на Блажевски
13 декември 2013Хоризонт, Вардар, Пелистер е редоследот на крајот од македонската фудбалска есен. Благодарение на подобрата гол-разлика тимот од македонскиот југ до почетокот на март ќе ужива во лидерското место. Во овие денови на исполнетост на Хоризонт, неговиот капитен Дејан Блажевски има причини за задоволство. На 19-те првенствени натпревари, постигна исто толку голови. Остварување какво во моментов имаат малкумина голегетери во европските лиги. Македонскиот „господин гол“ вели дека неговата ефикасност е заслуга на соиграчите:
„Имав сесрдна помош од колегите, кои ме „форсираа“ да стигнам до бројката од 19 голови. Задоволството е големо од просекот еден даден гол по натпревар.“
Офанзивната игра предуслов за ефикасност
Головите се специјалноста на Блажевски, но добрите игри повеќе го исполнуваат:
„Вардар е секогаш инспиративен противник. Тоа е големо наше фудбалко име. На натпреварот во Турново го совладавме со 2:0. Јас постигнав еден гол, но играта која ја прикажавме беше најувавото, најквалитетното остварување мое и на Хоризонт во изминатата есен. Би ги истакнал и двата хет-трика против Гостивар и во последното коло против Работнички. Во суштина, офанзивната игра на која инсистира тренерот Седлоски, мене многу ми одговара.“
Во минатото првенство Хоризонт го направи „историскиот“ успех со пласманот во европските купови. Според Блажевски тоа е резултат на добрата клупска стратегија:
„Го остваривме сонот на ова мало место, кое се соживеа со својот клуб. Името на селото Турново се најде на европската фудбалска карта. Мене ми е многу мило што сум дел од оваа убава приказна на Хоризонт. И сега настојуваме на нов излез во Европа. Засега работите добро се одвиваат.“
Шампионски сништа
Гледајќи во моментов од лидерското место во првенството Хоризонт сонува,се амбицира, потајно се надева и на освојување на шампионатот на Македонија.Блажевски верува дека има простор за оптимизам:
„Пет екипи се во трката. Хоризонт, Вардар, Пелистер следени од Металург и Работнички. Само три бода е разликата. Никогаш првенството не било поинтересно. Во оваа израмнета трка Хоризонт има капацитет и за најголемата радост.“
Дејан Блажевски е раритетен од еден друг аспект. Тој е единствениот од македонското првенство со статус на репрезентативец. Во пријателскиот натпревар против Полска го постигна и својот гол-првенец. Националниот дрес делува поттикнувачки за него:
„Тоа чувство е неверојатно. Мечтаев уште како дете да играм за репрезентацијата. Желбата ми се исполни. А, еднаш кога ќе почувствуваш колку е убаво да се биде во репрезентацијата, тоа чувство мотивира. Жал ми е што бевме последни во квалификациите за светското првенство. Нашите игри беа подобри одошто тоа го покажува пласманот во групата. Се надевам дека ќе бидам и на списокот на новиот македонски селектор Бошко Ѓуровски.“
Можно заминување
Дејан Блажевски е Скопјанец, има 28 години. Играше за Пелистер, неколку години мина во странство во неколку клубови во Грција. Втора сезона го носи дресот на Хоризонт. Неговите настапи и голови не остануваат незабележани:
„Примамливи се за секого квалитетните европски лиги. Да бидам искрен, мојот менаџер има контакти со повеќе клубови, но најнапред мора да бидат исполнети условите што ги поставува мојот сегашен клуб и нормално, да бидат исполнети и моите барања. Може да се случи да заминам уште во овој зимски преоден рок, но не по секоја цена. Опциите се Европа, но и некои од најквалитетните азиски лиги.“- вели во разговорот за Дојче веле Дејан Блажевски, во моментов најдобриот фудбалер и стрелец во македонското првенство.