Ерлер: тврдата линија за спорот со името не води до резултат
8 април 2009Господине државен секретар, кандидатот на владејачката конзервативна партија Ѓорѓе Иванов во вториот круг гласање е избран за претседател на Македонија. На изборите излегоа нешто повеќе од 42 проценти од гласачите, што беше минимално над неопходниот цензус од 40 отсто. Каква е вашата оценка за изборите?
Ерлер: Изборниот резултат е адекватен и очекуван по изборната кампања, која делумно имав прилика директно да ја проследам во земјата. Иванов убедливо освои две третини од гласовите, со што водечката улога на конзервативната влада со победата на претседателските избори сега уште еднаш е јасно потврдена. Изборната кампања силно беше сконцентрирана околу спорот со името со Грција. Резултатот покажува дека тврдата позиција по ова прашање беше наградена од гласачите.
Во Македонија престојувавте пред неколку недели. Каков е вашиот личен впечаток од тогашниот кандидат, а сега претседател на Македонија? Го сметате за доследен застапник на тврдата линија во македонската политика?
Ерлер: Лично не го познавам, но она што го чув на Балканот е дека тој има еден непомирлив националистички став по однос на прашањето на јазикот, додека неговиот противкандидат Фрчкоски се залагаше за компромис и прагматично решение. Но, како што се гледа, таков став не наидува на поддршка кај македонската јавност. Напротив, се вложува надеж дека тврдата линија ќе донесе успех.
При гласањето во неделата беа регистрирани само мали неправилности. Но, имаше мал одзив, особено во деловите на земјата населени со албанско население. Сметате ли дека еден конзервативен претседател и тоа од партијата која е на власт, може да ги задоволи очекувањата и желбите на Албанците од Македонија?
Ерлер: Мислам дека говорите за еден познат проблем - учеството на албанското население на претседателските избори беше многу ниско, во добар дел под 7 - 8 проценти. Ова всушност покажува дека главната тема - спорот со Грција околу името, не е задолжително меѓу приоритетите на албанското население. Јасно е дека станува збор за тема која главно се темели врз историските аргументи и е врзана за минатото на Славомакедонците, а не на Албанците. Тоа го сметам за проблем за заедништвото во државата, доколку во ваков стил, приоритетите и натаму се концентираат на спорот околу името.
Која е сега главната задача на претседателот?
Ерлер: Според Уставот на Македонија, претседателот нема некоја решавачка улога. Ја надополнува само сликата дека земјата ќе биде под силно влијание на владејачката партија. Секако дека за владата на Груевски сега ќе биде поедноставно да ја води својата политика со Иванов, кој досега делуваше како политички експерт од заднина и кој веројатно ќе се подреди на водечката фигура на Груевски.
Иванов нема никакво искуство, како во внатрешната така и во меѓународната политика. Може ли тоа да се смета за негов минус или плус?
Ерлер: На ова прашање гледам отворено. Често сме доживеале ситуации кога луѓето кои дошле однадвор во политиката, се потврдиле во практиката. Мислам дека и тој, како и сите останати кандидати, има шанса да се докаже во првите 100 дена, да стане познат, јасно ги стави до знаење своите ставови. По тоа прашање ние од надвор не можеме да си дозволиме критика.
Изборите без насилство Европската унија ги оквалификува како тест за демократската зрелост на Македонија. Сега на потег е ЕУ. Канцеларот Ангела Меркел неодамна меѓутоа рече дека ќе има пауза во проширувањето на ЕУ. Што може Македонија конкретно да очекува?
Ерлер: За Македонија е малку поинаку, отколку за Хрватска и ова прашање не е особено релевантно, дали и кога ЕУ ќе ги прими останатите земји. За Македонија, која го има статусот кандидат за членство, значајно е кога ќе може да добие конкретен датум за преговори. Само прашање е како ова може да функционира, доколку постои и ако не се разреши спорот со името. Но исто толку тешко е и прашањето кога Македонија ќе ги исполни сите предуслови за полноправно членство во НАТО. Тука е јасно дека спорот со Грција е главниот проблем и за жал нема сигнали како ќе се реши.
Ќе има ли барем ослободување од визниот режим?
Ерлер: Тоа е замисливо, но мора да се каже дека сигурно има редица реформски дефицити, кои се во врска со слободата на мислењето и на печатот, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Но, мој впечаток е дека Комисијата правно позитивно ги оцени реформите кои во последно време ги спроведе Македонија и кои се претпоставка за визната либерализација. Така уште во текот на овој месец тие би требало да се најдат во извештајот на Европската комисија, со што шансите и не се толку лоши, зашто од овој аспект Македонија успеа многу да направи што е и претпоставка за визната либерализација.
Може ли Германија да го забрза процесот на доближување на Македонија кон Унијата?
Ерлер: Сметам дека Германија е доверлив партнер за стабилизирање на целиот регион на Западен Балканот и во оваа смисла сака да е и добар партнер за Македонија. Но ние сме сигурно тука врзани за политиката кон регионот која ја води Европската унија и немаме право на самостојни активности и индивидуални однесувања. Во оваа смисла сме врзани за вреднување на процесите во внатрешната политика на Македонија, на темпото на реформите и нивното спроведување и ние практично не можеме ништо да направиме, се‘ додека не се реши проблемот со името со Грција. Зашто, секој нареден чекор е блокиран, тоа е врзано со тоа дали на тој план ќе има напредок.
За спорот со името на Македонија со Грција и нејзиниот статус многу се дискутираше. Сојузна Република Германија има искуство со статусот на некогашен Берлин и ДДР. Што може Македонија да научи од новата политика за истокот, која Германија ја применуваше во седумдесеттите години?
Ерлер: Ова беше дел и од мојата политичка порака при посетата на Македонија во март. Мислам дека ќе биде голема грешка доколку во решавањето на прашањето околу името излезот се гледа во поддршката однадвор. За ова прашање мора да се изнајде историски компромис, за што мора да придонесе и македонската политика. Претставата дека притисокот однадвор, на пример од ЕУ врз Грција, може да биде толку голем, па таа ќе ги прифати барањата на Скопје, не се многу реални. Секако дека ова се однесува и за компромисно решение од грчката страна. Но, конечно двата партнера мора да се договорат. За ова постои меѓународна поддршка од страна на Обединетите нации, има поддршка и од нас. Вие ме прашавте и јас на почетокот потврдив дека Ѓорѓе Иванов е знак дека денес во Македонија преовладува поддршката на цврстата линија. Ваквата цврста позиција меѓутоа не води кон резултат, туку само прагматичноста и подготвеноста за компромис.
Автор: Силвера Падори
Редактор: Жана Ацеска