Ердоган ќе ја прокоцка довербата
24 март 2015Абдула Оџалан, водачот на забранетата Работничка партија на Курдистан (ПКК), кој веќе 16 години е в затвор, е јасен победник на поени на ноговогодишниот празник Невроз, кој за Курдите ја симболизира борбата против угнетување. Со „Мировната порака“ Оџалан најави дефинитивен крај на борбата за независна курдска држава на територијата на Турција, започната пред 30 години. По околу 40 илјади загинати, стотици илјади ранети и протерани, борбата на ПКК, основана во 1978, „не била залудна“, смета Оџалан, но достигнала „стадиум што веќе не може да се продолжи“. Целта, според него, веќе не е сепаратна држава, туку соживот на народите врз основа на демократија, устав и правна држава.
Повикот на Оџалан до ПКК, да одржи конгрес и да донесе решение за прекин на оружаната борба, има за цел да се стави крај на крворплевањето, по многу востанија на Курдите во текот на повеќе од 90-годишната историја на турската република. Со тоа, како што може „да се прочита“ од неговата „Мировна порака“, треба да се овозможи меѓусебен мир меѓу Турците, Курдите и другите етнички и религиозни малцинства во државата-членка на НАТО.
Но, започнатиот мировен процес го загрозува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој во изминатите години дејствува се’ побезобѕирно, со повторното негирање дека има конфликт со Курдите. Наместо помирливи пораки, веднаш откако беше прочитана изјавата на Оџалан во Дијарбакир, упориште на Курдите во југоисточна Анадолија, Ердоган потврди дека се стреми кон освојување на 400, наместо досегашните 318 места во парламентот на изборите на 7 јуни, за да може на своја рака да го промени уставот и да воведе претседателски систем. Како што не можело на САД, Франција или Мексико да им се префрли за диктатура, не можело ни нему, вели Ердоган. Постигнувањето на таа цел претпоставува дека курдската Демократска партија на народите нема да ја надмине 10-процентната пречка за влез во парламентот.
Со начинот на кој постапува Ердоган се’ повеќе ги лути и неговите досегашни истомисленици. Разбирливо е што Ахмет Давутоглу, негов наследник на функцијата премиер, и заменик-премиерот Булент Аринч остро го критикуваат и се обидуваат да го наведат на поумерено однесување. Ердоган фактички постепено губи поддршка и во својот религиозно-конзервативен табор, кога ја игнорира со уставот пропишаната неутралност на претседателот и се обидува да ги утврдува насоките на политиката на својата земја. Тоа не е мудро, не е демократски и форсира натамошно губење на довербата во него.
Со тоа Ердоган им оди на рака на националистичката, како и на курдската опозиција и им ги препушта адутите при аргументирањето за помирољубива и посигурна атмосфера во земјата. Подобро би било тој да им пристапи на претседателските должности како неутрален претставник на турската република и соодветно да дејствува. Во спротивно, на Турција и’ се заканува опасност од внатрешно-политички расколи, откако имиџот на Турција како партнер од доверба за Западот во еден од најконфликтните региони во светот претрпе значителна штета со надворешната и европската политика со Ердоган како премиер.