Ердоган ќе ги бранел Бошњаците со 100 милиони Турци
13 јули 2014„Се колнам во големиот Алах, додека сум жив ако некој на некаков начин им наштети на Бошњаците, ќе има против себе си 100 милиони Турци“, предупредил Ердоган пред голем број приврзаници на митингот. Тој истакнал дека Отоманската Империја во минатото без никаква заштита и’ ги предала своите браќа на Австро-Унгарија и оти Турците тоа не можат никогаш да си го простат.
„Затоа никој не треба да се чиди кога турски воен брод навлезе во босанското пристаниште Неум, бидејќи тоа е знак за турската поддршка на суверенитетот на БиХ“, нагласил Ердоган.
Српските политичари реагираат на изјавата на Ердоган
Изјавата на турскиот премиер, пренесена од повеќе агенции и медиуми, беше остро осудена од претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој порача дека „Бошњаците живеат слободно во цела БиХ, а заканата на Ердоган се смета како мешање во внатрешните работи на земјата и давање сила на бошњачките политички партии да бидат уште поактивни и агресивни кон останатите партии во БиХ“.
„Што се однесува до нас, мислиме дека Турција е значаен фактор за немири во БиХ, токму поради тоа што се однесува селективно и го користи својот огромен економски и политички потенцијал за да биде исклучително на една страна, а изјавата на Ердоган тоа најдобро го покажува“, смета Додик.
Српскиот член на претседателството на БиХ Небојша Радмановиќ оцени дека изјавата на Ердоган е досега „најбруталната, најтешката и најдиректна навреда и закана за Србите и Хрватите и сите други кои не се Бошњаци, а живеат во Босна и Херцеговина“.
„Нарекувајќи ги непријатели сите кои со векови живеат во БиХ на свои куќни огништа и застанувајќи во заштита на само еден народ во БиХ, Турција го загуби секој кредибилитет на добронамерен партнер во билатералните односи со БиХ“, смета Радмановиќ во своето соопштение до јавноста.
„Со својата изјава Ердоган ги симна сите досегашни маски и ракавици и отворено се вброи на страната на еден народ во Бих – Бошњаците, а тоа значи против постоечката БиХ, како заедница на три конститутивни народи“, забележува Радмановиќ. Тој се прашува „дали ова е онаа Турција која претендира полноправно членство во ЕУ“ и забележува дека изјавата на Ердоган има уште поголема тежина со тоа што неговата земја е членка на Советот за примена на мирот во БиХ.
Амбасадорите на Турција во Бих и Србија ги демантираат изјавите
Амбасадорот на Турција во БиХ Џихад Ергинај ги демантираше информациите во медиумите во балканскиот регион за изјавата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Тој тврди дека неповикувајќи се на извор била објавена „наводна изјава“ на Ердоган, која според него е лажна. Ергинај уверува дека Турција е против какви било сепаратистички реторики, оти е пријател на БиХ, ја дава нејзината поддршка на секој план и дека сака мирна, стабилна и просперитетна БиХ, како и тоа дека ја поддржува БиХ во целина.
Амбасадорот на Турција во Белград Мехмет Кемал Бозај, пак, изјави дека за невистинитата изјава на Ердоган утре официјално ќе ги извести српските власти.
„Нашиот премиер не дал таква изјава“, рече Бозај и додаде дека тоа на каков било начин не ја одразува вистината.