1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган ги воодушевува масите

Баха Хингер/сн11 мај 2015

Првпат по неговиот избор за турски претседател Реџеп Таип Ердоган престојуваше во Германија. Околу 14 илјади Турци во арената во Карлсруе го славеа како „извор на нивната гордост“

https://p.dw.com/p/1FNwz
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Дожд од ливчиња од црвени рози паѓаше врз него додела стоеше на бина. „Суперѕвездата“ на турската политика беше осветлена од блицевите на мобилните телефони на присутната публика во арената во Карлсруе. Луѓето вееја турски знамиња, музика ечеше од сите страни. Жените паѓаа во несвест пред него, службите за итна помош имаа полни раце работа.

Спроти парламентарните избори во Турција на 7 јуни, ова беше класичен изборен настап на претседателот Ердоган, при кој вербално не ја загрози неутралноста на која е обврзан како шеф на државата. Својата партија АКП, која е на власт во Турција од 2002 година тој не ја спомена ниту еднаш. Него го придружуваат неколкумина министри кои нагласија дека Турците во Европа „знаат на која партија ќе и го дадат гласот“. Среде сеопштото славје малкумина се оние кои ја забележаа веста дека пред салата во Карлсруе дојде до судири за време на демонстрациите на противниците на Ердоган.

Националистичка патетика

Deutschland Türkei Recep Erdogan in Karlsruhe - Protest
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Wittek

Ердоган својот говор фо започна со поздрави и пофални зборови за жените бидејжи во Германија вчерашниот ден 10 мај се прославува како „ден на мајката“. „Рајот се наоѓа под нозете на жените, а не под нозете на мажите“. На сите им порача: „Имам доверба во вас, наполнете ги гласачките кутии со ваѓите гласови на 7 јуни.“ Точно 1,4 милиони Турци кои живеат во Германија имаат право на глас и тие би можеле да бидат „јазиче на вагата“.

Ердоган ја изнесе и својата желна- неговата партија да добие најмалку 367 од вкупно 550 места во државниот парламент, што би ѝ овозможило самостојно да тргне кон реформа на уставот. Тој сака во Турција да воведе претседателски систем. Со зборовите „потковицата го спасува коњот, коњот го спасува својот командант, тој пак својата војска, а војската потоа целиот народ“, Ердоган потсети на освојувачките походи на Османлиското царство. Публиката повеќепати го прекинуваше со извиците : „Турција се гордее со тебе“.

Како претседател на државата се придржувам кон обврската да бидам партиски неутрален, рече Ердоган. Истакна дека е на страната на народот и поради тоа никој не може да му го одземе правото да каже што е добро, а што лошо. Тој потенцираше дека расте бројот на аеродроми и универзитети, и оти неговите противници немаат што да му преречат поради големиот број проекти кои ги покренал како премиер. „Кога умре магаре, зад него останува неговото седло, кога ќе умре човек остануваат неговите дела“, рече Ердоган. Од публиката која често скандираше „Алах- у-акбер“, постојано бараше да ја изберат вистинската партија. На крајот сите присутни ги поведе во скандирање на паролата: „Една нација, едно знаме, една татковина, една држава!“

За разлика од претходните говори кои ги држел за време на посетите во Германија, овојпат немаше критики упатени на сметка на оваа држава.

Нејасни намери

Ердоган неговиот масивен ангажман за анимација на избирачите го продолжува со посета на Белгија. Факт е дека АКП сѐ уште нема доволен број места во парламентот за да ја протурка посакуваната реформа на уставот, која мора да биде потврдена и на референдум. Дури и при најдобриот изборен резултат остварен пред четири години, АКП доби 327 од потребните 367 мандати.

Deutschland Türkei Besuch Recep Erdogan in Karlsruhe
Фотографија: DW/T. Yildirim

Ердоган и неговите придружници на турските избирачи им дадоа бројни ветувања. Така дијаспората за четири години би требало да има сопствени изборни единици во кои би биле избирани пратеници за парламентот во Анкара. Кога Турците во Германија во август 2014 година за првпат беа во можност директно да учествуваат на претседателските избори, излезноста изнесуваше само осум проценти. Тоа сега би требало да се промени, бидејќи тие можат да гласаат во сите 24 турски конзулати во Германија, а гласањето за оние кои се на годишен одмор ќе биде ввозможно на граничните премини на Турција.

Ердоган од публиката се збогува како „внук на освојувачот“, мислејќи притоа на Мехмед Втори кој во 1453 година го освои тогашен византиски Константинопол, денес Истанбул. Срцата на 14 илјади Турци, колку што ги имаше во арената во Карлсруе, немаше потреба да ги освојува, На 7. јуни ќе се покаже колку сето тоа ќе му биде од полза. Изборната победа на АКП е сигурна, ама посакуваниот број мандати со кој ќе биде овозможена реформа на уставот - сѐ уште не е.