1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган Семоќниот

Избор: Ж. Ацеска2 јули 2014

Пресудата на Европскиот суд за човекови права дека Франција може да забрани носење бурка или никаб во земјата и планираната претседателска кандидатура на турскиот премиер Ердоган-тема во весниците на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1CUXs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Целосното покривање на жените-муслиманки сигурно е нешто што пречи. Сепак, уште повеќе пречи нивното насилно откривање, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“:

„Казнување на жените покриени со бурка претставува форма на спроведување државна сила. Но, со тоа работите не стануваат подобри. Напротив, тоа претставува блокада на интеграцијата на тие жени во општеството. Санкциите против бурката водат кон негација на вредностите кои се сака да се одбранат со тие санкции.

Пресудата на Европскиот суд за човекови права дека не може да се укине одлуката на властите во Франција за казнување на жените кои целосно го покриваат своето тело, тера на размислување. Државата може да интервенира во приватната одлука на поединец само ако со неа тој ги загрозува правата на другите. Не постои закон кој ви дава право да го видите лицето на некого. Од другастрана, како што изнесе судијата Нусбергер во одделното мислење, никој нема право да биде аутсајдер, односно изолиран во општеството. Судот постои и за да ги брани правата на аутсајдерите.

Работодавачот може да и‘ забрани на својата вработена да носи бурка додека работи на каса во супермаркет, но државата нема право да и‘ го забрани тоа додека таа се наоѓа во јавна просторија. Дали забраната на бурката им помага на потчинетите жени? Не, тоа уште повеќе ја зголемува одбојноста кон нив. Затоа, оваа пресуда е вистинска несреќа. Таа не им помага ни на жените кои се принудени да носат бурка“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Бурката ги зголемува бариерите меѓу луѓето

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ има поинакво мислење:

„Судот јасно стави на знаење дека со покривање од таков вид не може да се препознае нечие лице, па државата мора да се брани од безбедносни причини. Не само тоа, и општеството има елементарен интерес да се брани од тоа заради свое самопочитување. Соживотот на луѓето се поткопува со правење вакви демонстративни бариери.

Wahl Afghanistan 2014 Straßenszene
Фотографија: W.Kohsar/AFP/GettyImages

Судот во Стразбур потсетува дека општеството и јавноста не се само нуспроизводи на граѓанските слободи, туку се и предуслов за тие слободи, но и за интеграција. Ако делови од општеството се самоизолираат од таа јавност, со своја волја или под принуда, тогаш ќе се случи распад на општеството. Оној кој се однесува туѓо во толкава мерка кон другите, ги тера и нив во такво општество да се чувствуваат како странци. Затоа, бурката стана симбол за негативни појави на мултикултурни паралелни општества, а забраната на бурката стана симбол за зауздување на центрифугалните сили“, смета коментаторот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Ердоган - крај на кемалистичката ера

Тема во весниците е и кандидатурата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган за претседателската функција. Со неа Ердоган сака да го достигне речиси светиот статус на основачот на државата, Ататурк, пишува весникот „Ди пресе“:

„Критичарите на Ердоган радо игнорираат дека Ердоган ќе биде избран. Како и на претходните избори, и овојпат тој ќе биде легитимиран во рамките на еден демократски процес. Избирачите нема насила да бидат влечени да гласаат, неговата омиленост е вистинска и нескршена. Но зошто? Дали Ердоган не е тој кој со сила лани ги задуши протестите во паркот Гези? Дали Ердоган не беше во фокусот на скандал со корупција? Дали Ердоган не е тој кој со целни потези ги стави под своја капа и ги „преобрази“ судството, медиумите и други бранши?

Како што покажаа комуналните избори во март, неговите гласачи радо и великодушно прогледуваат низ прсти на неговите грешки. Зашто, она што е позитивното за нив претежнува. Ердоган е синоним за беспримерен економски полет на Турција. Ердоган е секоја нова зграда, нова улица во село, секој плус во платата, секое поевтинување на лековите, секој нов хотел и секој турист. За република, која од своето основање се спрепнува од една политичка дилема во друга, тоа вреди злато, односно глас за АКП, партијата на Ердоган...

Но, Ердоган е и личноста која длабоко ја подели Турција. Најдоцна протестите кај паркот Гези покажаа какви општествени кратери се имаат веќе создадено, посебно меѓу АКП и приврзениците на основачот на државата, Мустафа Кемал Ататурк. Кемалистите отсекогаш стравуваа дека Ердоган ќе ја претвори секуларната република во религиозна репресивна држава, автократскиот, истакнато верски стил на владеење на Ердоган во минатите години само го потврди тоа. Сега со претседателството доаѓа натамошен индикатор, зашто Ердоган сака да биде претседател со тежина на еден премиер, тој сака да биде сфатен како надмоќна фигура, што досега беше резервирано само за Ататурк.

Содржински, Ердоган нема да продолжи по стапките на основачот на државата. Тој, како што опишавме, има свој стил. А со него како моќен претседател, за Републиката конечно ќе заѕвонат ѕвоната за крај на кемалистичко-секуларната ера“, пишува „Ди пресе“.