Ердоган се покажа како лош домаќин
30 април 2014Според турските обичаи, секој гостин е признание од Бога, и во тоа е и основната филозофија на турската гостопримливост. Кога доаѓаат гости од Германија- тие традиционално се сметаат за пријатели. Постојат причини за страв дека тоа понатаму нема да биде така. Дипломатите од двете страни сега ќе треба да се концентрираат на ограничување на штетата која, уште пред заминувањето на германскиот претседател Јоахим Гаук, ја предизвика турскиот премиер Реџеп Ердоган. Во секој случај, Ердоган се покажа како лош домаќин.
Со своите вербални гафови против Гаук, Ердоган себеси си ја намали шансата да добие разбирање за својата лутина поради критиките кои претходно ги изрече германскиот претседател. Од друга страна, Гаук мора самиот да си го постави прашањето дали неговата критика, сепак, била премногу жестока и прегласна. Не можеше ли Гаук својата критика на недемократските состојби, кои го потсетуваат на состојбата во ГДР, да ја искаже на друго место, а не пред студентите на елитниот универзитет во Анкара? На пример, на некој свечен ручек, организиран во негова чест, и во форма на говор од маса?
Во секој случај, германско-турските односи, во моментов се затруени. Тирадата на омраза на Ердоган против германскиот претседател за жал ја поттисна на маргините јавната перцепција за свеченото отворање на германско-турскиот универзитет во Истанбул. Да му се префрли на Гаук дека тој „сѐ уште размислува како свештеник“ се граничи со дипломатски невкус.
На 24 мај ќе има реванш во Келн, каде Ердоган доаѓа на одбележувањето на 10.годишнина на „Унијата на европско-турските демократи“- партија блиска до неговата АКП. Планирано е Ердоган да одржи говор пред околу 18 илјади луѓе во келнската арена. Има причини за стравување дека Ердоган, во обидот да собира поени и да се рекламира себеси како можен претседателски кандидат, ќе ги критикува Германија и нејзините политичари.
Менаџирање на штетата
Она што останува е надежта дека штетата ќе биде менаџирана, особено доколку се има предвид хармоничниот соживот меѓу Турците и Германците во Германија. Оваа кревка коегзистенција е тешко оптоварена со убиствата на мигрантите од турско потекло, кои ги изврши Национал-социјалистичкото подземје. Тоа уште долго нема да биде надминато. Меѓучовечките односи не смеат да бидат злоупотребени како нова храна за политички и верски екстремисти ни во Германија, ниту во Турција.
Можеби Гаук можеше да размисли повеќе за тоа пред да ги изрече, несомнено оправданите, критики на сметка на диктаторскиот стил на управување на Ердоган. Излезот од кризата би можел да биде во посилниот ангажман на Германија во приближувањето на Турција кон ЕУ. Усогласувањето на европските вредности, имено, ќе остане невозможно сѐ додека ЕУ не ги намали пречките кои и ги постави на Турција. На демократските движења, претставниците на граѓанското општество и опозицијата им е потребна поддршка во нивното тежнеење кон Турција без цензура и самоволие.