Ердоган се подготвува да ја преземе сета власт во Турција
13 мај 2014Само неколку недели во пресрет на годишнината од избивањето на протестите во истанбулскиот Гези парк, минатата недела почна првото сослушување против 255 критичари на власта кои активно учествуваат во масовните протести против турската влада. Меѓу нив беа и седуммина странци. Обвинети се, меѓудругото, за кршење на Законот за демонстрации, оштетување на верски споменици и нанесување телесни повреди на цивили.
Многумина сметаат дека државата кон нив не се однесува коректно. „Се најдов со неколкумина пријатели на плоштадот Таксин, а потоа одненадеж не уапси полицијата. Не знаевме што ќе биде со нас. Не сум виновен и барам судот да ме ослободи“, рече обвинетиот графички дизајнер Секин Ќебеци за телевизијата СиЕнЕн Турк. И камерманот Горкем Челиоглу смета дека е неоправдано обвинет. „Бев со камерата меѓу група демонстранти. Кога полицијата одеднаш фрли солзавец, сите побегнаа и останав сам. Потоа ме уапсија. Тоа не е во склад со законот“, вели Челиоглу.
Не е никаква случајност што судењето се одржува токму сега, смета Фети Ачикел, политиколог од Универзитетот во Анкара. „Реџеп Таип Ердоган сака, непосредно пред изборите во август, да демонстрира авторитарен начин на владеење. Неговата стратегија од почетокот гласи: „Или пријател или непријател“. Ердоган, според Ачикел, ја поделил земјата.
„Тој се обидува да го увери своето гласачко тело дека ги прогонува оние кои предизвикуваат немири. Не би се изненадил доколку Ердоган таа годишнина ја претвори во некој вид изборна кампања за претседателските избори“, вели Ачикел.
Се наближува годишнината од избувнувањето на протестите и сѐ уште трае потрагата по припадниците на полициските и безбедносните сили кои повредија голем број луѓе, некои дури беа и убиени, вели аналитичарот. „Меѓу народот владее депресија. Тој судски процес покажува дека ништо не е сменето“, смета Ачикел.
Ердоган за претседател
Турските граѓани на 10 август за првпат директно ќе бираат претседател. Доколку во првиот изборен круг не падне одлуката, вториот ќе се одржи на 24 август. Сѐ уште не е јасно кој ќе се кандидира за местото претседател. Мнозинството очекуваат тоа да биде Ердоган. Последните сомнежи беа отстранети по последниот состанок на партиското раководство на исламистичко-конзервативната АКП на 2. мај. Тогаш беше донесена одлука дека ниту еден партиски член не може да остане на иста функција повеќе од три мандати.
Ердоган веќе најави дека во случај да стане претседател ќе ја искористи сета моќ која му ја пружа функцијата. Турскиот претседател, врз основа на уставот, и досега имаше голема моќ. „Но, досега никој таа моќ не ја користеше. Досегашните турски претседатели беа повеќе неутрални и имаа симболична улога“, вели Еврен Балта, политиколог од Универзитетот Јилдиз во Истанбул.
Но, Ердоган сака да го промени тоа. „Затоа можеме да бидеме сигурни дека Ердоган, доколку во август биде избран, ќе се обиде да владее како претседател во претседателски систем. И тоа на авторитарен начин“, смета Балта.
Држава без слобода
Од 2002. до 2007. година, во текот на владеењето на Ердоган дојде до голем напредок во демократизацијата на земјата, вели таа. „Слабеењето на улогата на армијата беше главното барање на ЕУ за напредок на Турција. Ердоган беше првиот политичар кому тоа му појде од рака. Го славевме како реформатор“, вели Балта. Но, од 2010 година, АКП станува сѐ поавторитарен, што особено можеше да се види во контролата врз медиумите. Балта укажува и на извештајот на Фридом Хаус каде Турција годинава беше сместена меѓу земјите во кои „нема слобода“.
Фети Ачикел смета дека Ердоган во првите години од владеењето важел за личност која ги поддржува реформите. „Но, кога почувствува дека гласачкото тело цврсто стои зад него, започна авторитарниот систем на владеење. Весниците беа изложени на сѐ поголема контрола, преку 60 колумнисти останаа без работа, а државната телевизија осамна под контрола на самиот премиер. Ердоган, во стилот на Путин, ја претвора Турција во земја со исламистичко-конзервативно раководство“, вели Ачикел, потсетувајќи дека Турција има парламентарен, а не претседателски систем. „Но, сите знаеме дека Ердоган, ако биде избран, максимално ќе ја искористи моќта која му ја дава претседателската функција“.