1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган се заканува со пропаст на договорот за бегалците

СН/дв/ртр/дпа25 мај 2016

Ердоган врши притисок врз Европа: без напредок во преговорите за визната либерализација, турскиот претседател нема да го спроведува договорот за враќање на бегалците во Турција.

https://p.dw.com/p/1Iu0C
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Турција го условува спроведувањето на договорот за бегалците со ЕУ со напредок во преговорите за ослободувањето од обврската за виза за нејзините граѓани кои патуваат во Унијата. Ова го соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на самитот на Обединетите нации за хуманитарни прашања, што се одржа во Истанбул. Покрај тоа, тој истакна дека парите кои ги ветила ЕУ во рамките на договорот, сѐ уште не се исплатени.

Разлики меѓу Турција и ЕУ

Германската канцеларка Ангела Меркел во понеделникот по разговорот со Ердоган јасно укажа дека посакуваниот термин за визна либерализација за турските граѓани на 1 јуни годинава веќе не е одржлив.

Причина за тоа е одбивањето на Ердоган да ги реформира антитерористичките закони во Турција. Тоа е условот кој го поставува ЕУ, за да ја укине обврската за визи за Турците при патување во Шенген зоната. Меркел најави натамошни разговори со Турција.

Flüchtlinge Türkei Izmir
Фотографија: picture-alliance/dpa/C.Oksuz

Ердоган, според официјалниот превод на самитот, изјави: „Ако разговорите се плодоносни, добро. Ако не се, тогаш ќе мора да бидат преземени чекори во турскиот парламент, и законот за имплементација на договорот за прифаќање на вратените бегалци нема да биде ратификуван“.

Договор за визите и шест милијарди евра

Договорот ја обврзува Турција, да ги прифати назад бегалците кои преку Егејското море доаѓаат во Грција. За возврат, ЕУ директно од Турција треба да ги презема сириските бегалци и во две транши да ѝ исплати на Анкара до шест милијарди евра за згрижувањето на бегалците. Како нареден чекор на Турција треба да ѝ биде овозможена визна либерализација, кога ќе бидат исполнети условите поставени од ЕУ.