Ердоган се бори за политички опстанок
24 август 2015Реџеп Таип Ердоган го стори она што го вети. Не и‘ даде на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) ниту шанса да формира влада. Со тоа, тој стана првиот турски претседател во историјата кој одбил да и‘ даде шанса на втората по големина партија да изгради влада. Неговото објаснување фрла светлина на тоа како тој ја разбира политиката во Турција.
Откако неговата АКП не успеа да формира коалициска влада, за Ердоган немаше други опции за коалицирање. Ова уште еднаш покажува дека претседателот, кој според Уставот треба да биде натпартиски, не е расположен да прифати влада без АКП. Она што го посакува Ердоган се нови избори на 1. ноември. Тој тоа јасно го стави до знаење, дури и не чекајќи да истече официјалниот рок. Можеби него ноември го потсетува на 2002 година, кога АКП со убедливо мнозинство победи на изборите. Но, денешна Турција е далеку поинаква од онаа во 2002.
Иако во АКП се надеваат дека главната прокурдска партија ХДП,ќе загуби гласови поради терористичките напади од страна на ПКК, многу е веројатно дека гласачите ќе ја сметаат и владата одговорна затоа што не ги зачувала редот и мирот, особено во источна Турција.
Политичката нестабилност и терористичките напади не само што доведоа до поларизација на јавноста, туку имаат влијание и врз економијата, и тоа може да се одрази врз изборните планови на АКП. Последните анкети покажуваат дека АКП нема да има доволно гласови за самата да формира влада и дека курдската ХДП би можела да стане трета најсилна партија во парламентот, потиснувајќи ја на четврто место турската националистичка МХП.
Дијаспората напомош
Свесна за ваквите бројки, АКП се обидува да ги увезе гласовите кои ги губи на терен од ХДП. Неодамна, функционер на АКП соопшти дека на турскиот парламент му се потребни претставници на Турците кои живеат во странство. Ердоган на сите начини ќе се обидува да привлече поголемо учество од Турците од странство. Тоа ја става Германија во преден план, затоа што голем број од турските гласови од странство доаѓаат токму од оваа земја.
Во исто време и посетата на курдскиот лидер Селахатин Демирташ на Стокхолм покажува дека и тој работи на заштита на курдските гласови. Се чини дека на овие избори битката нема да се води само во Турција. Затоа нема да биде изненадување доколку турската предизборна кампања се прелее во Германија и во други европски земји - конечно, се работи за политичкото преживување, особено за Ердоган.