Ердоган сака да стане претседател на Турција
1 јули 2014Заменик претседателот на АКП Али Сахин ја објави номинацијата на Реџеп Таип Ердоган на партиски собир во Анкара. На гласањето на 10. август 60. годишниот Ердоган ќе настапи против двајца кандидати на опозицијата. Според анкетите Ердоган има добри изгледи да освои повеќе од 50 проценти од гласовите уште во првиот круг на изборите.
Ѓул се откажа од кандидатура
Намерите на Ердоган да се кандидира за претседател во Турција со недели беа јавна тајна, премиерот до сега не објавуваше ништо на таа тема. Актуелниот претседател Абдула Ѓул, пред неколку дена објави дека се откажува од нова кандидатура. Според медиумски шпекулации постои можност Ѓул да ја преземе премиерската функција, доколку Ердоган биде избран за претседател.
Двете големи опозициони партии, секуларната ЦХП и националистичката МХП имаат заеднички кандидат, 70 годишниот Екмеледин Ихсаноглу. Ихсаноглу е поранешен генерален секретар на Организацијата за исламска соработка. Курдската партија ХДП има свој кандидат, претседателот на партијата Селахатин Демиртас.