Ердоган: Резултатот од европските избори е потврда за загриженоста на Турција
27 мај 2014Зајакнувањето на деснопопулистичките партии на изборите за Европскиот парламент, според проценките на шефот на турската влада Реџеп Таип Ердоган, се последица на неактивноста на Европа во поглед на радикалнодесничарските тенденции на стариот континент. Ердоган истакна дека Турција со години предупредува на растечкиот расизам и на неонацистичките злосторства во Европа. „Изборниот исход ги потврди турските стравувања“, рече Ердоган во говорот пред пратеничката група на неговата владејачка партија АКП во Анкара.
Тој во обраќањето, кое беше пренесувано на телевизија, покрај тоа ги обвини европските држави дека ги подгреваат тензиите во Турција, за да и‘ наштетат на земјата. Странската поддршка за насилничките групи во Турција е добро позната. Турската влада го има докажано тоа со документи“, рече турскиот премиер. Според него, оние кои ги влечат конците сакаат да ја поделат Турција и да ја ослабнат.
Ердоган притоа упати на неодамнешните улични судири во населбата Окмејдани во Истанбул, во кои загинаа две лица. Во уличното насилство, според него, важна улога играла и екстремнолевичарската група Револуционерен народноослободителен фронт (ДХКП-Ц), која има кампови за обука во Грција. ДХПК-Ц е формирана во 1978 година под името Девмирџи Сол, жестоко се спротивставува на политиката на САД, на турските власти и на НАТО. Оваа радикална марксистичка група е забранета во Турција. Во нивните напади се убиени десетина луѓе, меѓу кои и двајца пензионирани генерали и поранешен министер за правда. Во февруари 2013 година ДХПК-Ц ја презеде одговорноста за нападот во кој бомбаш-самоубиец се разнесе пред Амбасадата во САД во Анкара, при што загина и еден работник на турското обезбедување.