Ердоган, претседател-хазардер
26 август 2015„За едни тој е херој, за другите предавник на татковината. Во еден досега незабележан таков гневен говор, офицерот на турската армија Мехмет Алкан искажа вистини, кои ја возбудија Турција и го ставија под притисок претседателот Реџеп Таип Ердоган. Мехмет Алкан во униформа стоеше на гробот на својот брат Али Алкан, исто така армиски офицер и ја обвини владата дека војната против курдската герила од ПКК (Курдската работничка партија - н.з.) од чисто изборно-тактички причини“, пишува „Берлинер цајтунг“ во текстот со наслов „Горки прекори против Ердоган“. „Турција никогаш досега нема слушнато такви изјави на еден офицер“, се констатира во текстот и се наведува дека биле исвиркани претставниците на АКП - партијата на Ердоган - кои присуствувале на погребот. „Офицерот го искажа она, што го мислат многу луѓе: колку бескрупулозно дејствуваат Ердоган и АКП, за на новите избори да си го вратат апсолутното мнозинство што го загубија на парламентарните избори од 7. јуни. Многумина веруваат дека Ердоган ја форсира војната против ПКК за АКП да може да се покаже како спасителка од хаосот и насилството“. Провладините медиуми, пишува весникот, не можеле да го игнорираат инцидентот, но го омаловажувале Мехмет Алкан. „Секој ден се погребуваат војници, секој погреб ја зголемува напнатоста во земјата. Ако расте незадоволството, АКП ќе го почувствува тоа на изборите“, проценува „Берлинер цајтунг“.
Погрешна сметка на Ердоган
„Турскиот претседател отсекогаш беше надарен популист, кој пред секое решение калкулира колку гласови на избирачите ќе му донесе тоа“, пишува „Зиддојче цајтунг“ и го илустрира тоа со податокот дека повеќе од десет години Ердоган победува на сите избори. „Неговите мнозинства, така тој гледа на работите, го направија неспорен водач на Турција; тие го штитат од критика, кога повторно го крши уставот или ги крати основните права. Но, тој рецепт за успех потфрли во јуни, кога неговата АКП го загуби апсолутното мнозинство. Оттогаш претседателот е под притисок како никогаш порано“. Сега Турците повторно мораат да гласаат, оти Ердоган го сака тоа со надеж дека ќе постигне подобар резултат. „Но, анкетите не и’ претскажуваат ништо добро на АКП“, пишува „Зиддојче цајтунг“ и наведува дека АКП ќе добие исто, а можеби и помалку гласови, како и дека курдската партија ХДП пак ќе има над 10 проценти и ќе оневозможи апсолутно мнозинство за партијата на Ердоган, кого „56 проценти од населението го сметаат за главен виновник за ескалацијата на насилството на југоистокот на земјата“. (...) Значи, многу е можно дека Ердоган згреши со хазардот со нови избори. Ако АКП не добие повеќе гласови, неговата позиција може сериозно да биде разнишана“, предвидува „Зиддојче цајтунг“.
За првпат во нејзината историја, до изборите земјата треба да ја води преодна влада,, во која, според уставот, треба да бидат застапени пратеници од сите парламентарни партии. Прокурдската партија ХДП (Партија на демократските народи - н.з.) веќе потврди дека ќе учествува во таа влада, известува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Со тоа за првпат една курдска партија би учествувала во некоја турска влада. Ако Давутоглу (премиерот на Турција - н.з.) се обиде да ја исклучи ХДП, Демирташ (лидерот на ХДП - н.з.) рече дека ќе тужи на Уставен суд. ХДП, освен тоа, бара и жени да бидат на чело на половината од министерските места“.
И овој весник укажува на анкетите во Турција, според кои нема да се оствари првобитната стратегија на владеачката АКП, со обновата на војната против ПКК да ја криминализира ХДП и таа на изборите да падне под 10 проценти од гласовите и да не влезе во парламентот. „Многумина Турци одговорноста за ескалацијата на насилството им ја припишуваат на Ердоган и АКП, што на ХДП би можело да и’ донесе поголем прилив и гласови од протест“.
„Сите зборуваат за пуч, никој ништо не прави“
Турскиот претседател го крши уставот со тоа што поставува преодна влада, игнорирајќи го правото на опозицијата да се обиде да формира влада, известува „Ди Велт“. „Ердоган едноставно одби да го овласти водачот на опозицијата Кемал Киличдароглу (ЦХП) да формира влада“, откако тоа не му успеа на актуелниот премиер Давутоглу од владеачката партија АКП. „Она што сега се случува во Турција е крајно илегално. Ние не сакаме да му дадеме легитимитет на тоа кршење на правото со тоа што би учествувале во некоја таква (преодна - н.з.) влада“ - ја пренесува весникот изјавата на Ајкут Ердогду, пратеник на ЦХП.
Во Турција големо возбудување предизвика транспарентот „Ако не сакаш вести за маченици, кажи ДА за АКП“, истакнат врз седиштето на локален огранок на АКП во истанбуслкиот кварт Ускудар, пишува натаму „Ди Велт“. „Многумина таквите изјави, кои со недели се слушаат од АКП, ги оценуваат како обид за уцена и како признание на она што опозицијата и ПКК и’ го префрлаат на АКП: таа ја иницира војната само за од тоа да профитира на новите избори“. Но, и овој весник смета дека е прашање дали таквата сметка воопшто ќе се оствари: освен антивладиното расположение на погребите на убиените војници, тука се и економските проблеми - падот на вредноста на лирата и влијанието на војната врз туризмот.
На крајот, тука е и проблемот со „еден претседател на држава, кој се поставува над уставот и истовремено објавува дека системот на владеење во Турција ’фактички се променил‘ и мора да се прилагодат законските рамки - значи преку себеовластување да го легализира инсталираниот претседателски систем. Не само опозицискиот водач Киличдароглу тоа го нарекува ’цивилен пуч‘. Но, од тоа нема последици, поради што левичарскиот весник ’Биргун‘ во понеделникот објави наслов ’Сите зборуваат за пуч, никој ништо не прави‘“, се вели на крајот од написот во „Ди Велт“.