Ердоган постави рок за прием на Турција во ЕУ
31 октомври 2012Европската унија ќе ја загуби Турција ако не ја прифати за своја членка до 2023 година, изјави синоќа во Берлин турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Турција официјално започна преговори за членство во ЕУ во 2005 година, но тие се замрзнати во последниве години поради несогласувањето на некои од големите држави во Унијата и поради неможност за наоѓање решение за кипарскиот проблем.
Првпат досега Ердоган споменува рок во кој Анкара планира да ги продолжи напорите за членство во ЕУ. Неговата изјава доаѓа во момент кога односите меѓу Турција и ЕУ се заладуваат се повеќе.
Германската канцеларка Ангела Меркел, со која Ердоган ќе се сретне денеска, е против полноправно членство на Турција во ЕУ и наместо тоа препорачува стартешко партнерство со Анкара.
Во земјите на ЕУ живеат околу шест милиони Турци, од нив, нешто помалку од три милиони се во Германија.