1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган во БиХ

Самир Хусеиновиќ/сн20 мај 2015

Посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Сараево е само еден од низата показатели дека Турција при позиционирањето на Балканот смета на БиХ, ама и на муслиманската заедница во земјата, тврдат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1FSh0
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Demir

Аналитичарите оценуваат дека односите меѓу БиХ и Турција се добри, ама оти можат да бидат и подобри, посебно на економски план. Велат дека релациите меѓу двете земји се оптоварени со нерешените внатрешни прашања, поради што страда економијата, особено босанско-херцеговската. Политичкиот аналитичар од Сараево Џевад Кучукалиќ вели дека актуелните босанско-турски односи се „многу добри“, ама и дека политичарите во дејстонска БиХ различно ги толкуваат заради ефтини политички поени.

„Едни настојуваат да покажат дека тие односи можат да бидат опасни за одредена етничка група, додека други пак ја преувеличуваат секоја турска иницијатива сакајќи да ја прикажат како најдобро решение. И додека бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ речиси без задршка ги поддржува турските иницијативи и претседателот Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Република Српска Милорад Додик се спротиставува и на политички незначајни иницијативи како вклучувањето на Добој во Заедницата на општини на турскиот свет, доведувајќи ги со тоа во прашање и значајните турски иницијативи во овој дел на БиХ“, вели Кучукалиќ за ДВ.

Што БиХ ѝ претставува на Турција?

Тој уште истакнува дека и неодамнешниот саем на турското стопанство во Сараево го покажал настојувањето на Турција да се уцврсти во овој регион како важен извозник на стоки и услуги без значајна кооперација и заеднички претпријатија со партнерите во БиХ.

Bosnien und Herzegowina Recep Tayyip Erdogan in Sarajevo
За време на една од своите посети на БиХ, Ердоган ја посети и СребреницаФотографија: picture-alliance/dpa/F. Demir

„Многу турски продавници, патнички и други агенции работат во Сараево и во други градови во БиХ. Не треба да се заборави придонесот на Турција во финансирањето на обновата на Стариот мост во Мостар и други значајни културно-историски, верски и наставно педагошки објекти. Турција можеби ја гледа БиХ како отскочна штицаво обидот за обнова на влијанието на ова подрачје, односно развојот на економската, културната и спортската соработка со државите кои некогаш беа во составот на Отоманското царство, ама без вистински претензии за обнова на тоа царство, некогашна сила на три континенти“, вели Кучукалиќ.

Директорот на Центарот за меѓународни односи од Бања Лука, Милош Шолаја, вели дека во Турција постојат истражувања кои БиХ ја ставаат на второто место како сојузник, по Азербејџан.

„факт е дека БиХ претставува една од државите на југоистокот на Европа за која Турција има многу силни интереси. За Турција е важно да настојува да оствари што поголемо влијание на ова подрачје. Тоа и геополитички е значајно со оглед на фактот дека југоистокот на Европа претставува копнена врска меѓу Турција и Европската унија. При ширењето на своето влијание во овој дел од светот. Турција верува дека може да смета и на поддршката на муслиманската верска заедница во БиХ“, вели Шолаја за ДВ.

БиХ, Турција и ЕУ

Џевад Кучукалиќ верува дека односите меѓу БиХ и Турција и покрај „сплетките на локалните политичари“, не можат да го загрозат евроатлантскиот пат на БиХ.

„Република Турција, инаку членка на НАТО, повеќе од 53 години чека да стане членка на ЕУ, бидејќи Европејците секогаш наошаат некакви причини против продолжувањето на преговорите со Анкара. Некои други, геополитички помалку значајни и економски послабо развиени држави, веќе одамна се членки на ЕУ. Очигледно проблемот е во тоа што мнозинско население во Турција е муслиманското, со повеќе од седумдесет милиони жители со исламска вероисповед. Затоа христијански декларирана и определена Европа, односно ЕУ, би била посречна Турција никогаш да не стане нејзина членка. На Брисел би му било подраго бошњачкиот политички естаблишмент во БиХ да не се угледува во актуелниот турски претседател Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот.

Државите од Западниот Балкан, Албанија, БиХ, Црна Гора,Косово, Македонија и Србија би можеле по исполнувањето на условите во пакет да бидат примени во ЕУ. Затоа актуелните односи на БиХ и Турција, без оглед на степенот на влијание на Анкара во Сараево, нема побитно да влијае на европскиот пат на БиХ“, смета Кучукалиќ.

Милош Шолаја вели дека односите меѓу БиХ и Турција се оптоварени од минатото, што потврдуваат и актуелните несогласувања во РС околу приемот на Добој во Заедницата на општини од турскиот свет. За БиХ, како што истакнува, е важно да има јасна политичка стратегија како кон Турција така и кон ЕУ.

Banjaluka Milos Solaja
Директорот на Центарот за меѓународни односи од Бања Лука, Милош ШолајаФотографија: DW

Неколку меѓудржавни договори

„На босанско-турските односи влијаат вкупните политички односи во БиХ, а тие веќе дваесет години не се стабилни. Многу тукашни прашањам како клучните кои се однесуваат на политичкиот систем и на институционалното уредување на БиХ сѐ уште се отворени. Овде и на улогата на Турција се гледа низ призмата на нерешените политички односи во рамките на БиХ. До подобрување би можело да дојде ако во БиХ се усвои попрецизен концепт на надворешна политика, односно појасна надворешно-политичка стратегија. Во БиХ уште од Дејтонскиот договор сите надворешно-политички прашања се решаваат стихијно, поради што е невозмошно да се утврди какви во иднина би можеле да бидат односите меѓу Турција и БиХ“, вели Шолаја.

Како што е најавено турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска (20.05.2015) би требало да престојува во Сараево, каде ќе разговара со членовите на Претседателството на БиХ, Предвидено е потпишување на неколку меѓудржавни договори. Ердоган би требало да го отвори Иса-беговиот амам во Сараево, чија обнова ја финансираше Турција.