1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган најави почеток на „нова ера“

М. Лангер / Б. Георгиевски11 август 2014

Конечно, тој е најмоќниот човек во Турција: се’ уште актуелниот премиер, а наскоро претседател, Ердоган најави нов почеток по победата на претседателските избори. 60-годишниот политичар обезбеди апсолутно мнозинство.

https://p.dw.com/p/1CsIX
Фотографија: REUTERS

По победата на претседателските избори, сѐ уште актуелниот турски премиер Реџеп Таип Ердоган најави почеток на „нова ера“ во која ќе стави крај на кавгите од минатото. На прославата на победата во Анкара пред илјадници симпатизери, исламскиот-конзервативец им се заблагодари на сите кои гласале.

„Им благодарам на сите, кои денеска дојдоа во избирачките места. Денеска победи нацијата. Победија и оние, кои не гласаа за мене“, рече Ердоган додавајќи: „Ние завршуваме со една ера и влегуваме во нова. Јас ќе бидам претседател на 77 милиони Турци, а не само на оние кои гласаа за мене“.

Според првичните резултати од изборите, Ердоган освоил апсолутно мнозинство со 52 проценти од гласовите. Неговиот главен противкандидат, опозиционерот Екмеледин Ихсаноглу освоил 38 проценти од гласовите, а кандидатот на курдското малцинство, Селахатин Демиртас околу 10 проценти.

Со најавата дека ќе стави крај на „кавгите од минатото“ Ердоган мислеше на бројните кризи кои беа актуелни во земјата уште од најраните денови на неговата исламистичка влада. Но, ниту протестите ширум земјата, корупциските афери или меѓународните критики не успеаја да ја разнишаат неговата авторитарна власт. Многу меѓу 76-те милиони Турци во поранешниот градоначалник на Истанбул гледаат татко на економскиот раст, со кој Турција доби поголема тежина на меѓународната сцена. Во Ердоган граѓаните гледаат и заштитник на исламските вредности, кои за мнозинството се покажаа поважни од демократските слободи.

Präsidentschaftswahl in der Türkei Erdogan Anhänger 10.08.2014
Фотографија: REUTERS

Нови овластувања за новиот претседател

Ова беа први директни избори за претседател во Турција. Носителот на оваа, повеќе церемонијална функција, досега беше биран во парламентот. Ердоган ќе има мандат од пет години, а веќе како премиер се погрижи за измена на законите, со што шефот на државата во иднина ќе има далеку поголеми овластувања.

Критичарите на Ердоган сметаат дека земјата под негово раководство се оддалечила од секуларизмот и го обвинуваат за кршење на граѓанските права. Сомневањата се големи дека Турција ќе може под негово раководство да се приближи до ЕУ. Иако набљудувачите генерално немаа забелешки на текот на изборите, воочлива е предноста која му беше давана на Ердоган во медиумите за време на предизборната кампања. Така, на пример, државата телевизија ТРТ во периодот од 4 до 6 јули годинава одвоила 533 минути простор за информирање за кампањата на Ердоган и точно 3,5 минути за неговиот главен ривал Ихсаноглу.

На изборите во Турција право на глас имаа 53 милиони граѓани. За првпат беше овозможено и гласање на дијаспората, но излезноста беше мала.