1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган навестува воведување смртна казна

ЖА/афп/дпа8 август 2016

На големиот митинг со околу три милиони учесници, турскиот претседател вчера побара поддршка од народот и три недели по неуспешниот обид за пуч навести воведување смртна казна. Ердоган ги критикуваше ЕУ и Германија.

https://p.dw.com/p/1JdFM
Фотографија: Reuters/O. Orsal

„Ако народот сака смртна казна, партиите ќе ја следат неговата желба. За тоа ќе одлучи турскиот Парламент, имајќи предвид дека народот е носител на суверенитетот, јас однапред потврдувам дека ќе ја одобрам одлуката на Парламентот “, изјави Ердоган на големиот митинг на плоштадот Јеникапи во Истанбул, кого демонстрантите го претворија во море од црвени знамиња. Ердоган на овој начин реагираше на повиците од демонстрантите кои гласно скандираа „Смртна казна“. Турскиот претседател во својот говор истакна: „Во ЕУ не постои смртна казна, но неа ја има во САД, во Јапонија, во Кина. Мнозинството земји ја применуваат.“ И во Турција беше можна смртна казна до 2004 година, иако последната егзекуција извршена во земјата датира од 1984. ЕУ во повеќе наврати потенцираше дека воведувањето на смртната казна би значело прекин на пристапните преговори за членство на Турција во Унијата, започнати на крајот на 2005. година. Но, независно од тоа, во моментов во Унијата се дискутира за прекин на пристапните преговори со Анкара.

Türkei - Pro-Erdogan Demos in der Türkei
Фотографија: DW/D. Cupolo

Митингот во Истанбул се одржуваше под мотото „За демократијата и мачениците“. Покрај Ердогановата исламско-конзервативна владејачка партија АКП, учествуваа и опозиционите партии ЦХП и МХП. Курдската партија ХДП не беше поканета. Турските медиуми блиски до владата зборуваат за присуство на најмалку три милиони луѓе, а владини пртеставници тврдат дека на собирот имало околу пет милиони учесници.

На почетокот на митингот Ердоган од бината на која беше со сопругата побара минута молк во чест на жртвите на неуспешниот обид за воен пуч. Пред Ердоган зборуваа и шефот на Генерлшабот на турската армија Хулуси Акар, како и опозиционери. Шефот на ЦХП Кемал Киликдароглу индиректно ја критикуваше реакцијата на Ердоган на обидот за пуч. Од обидот за преврат треба да се извлече поука, политиката да се повлече од џамиите, касарните, судовите. Освен тоа, потребно е јакнење на парламентарниот систем, дополни Киликдароглу алудирајќи на стремежите на Ердоган за воведување претседателски систем.

Türkei - Pro-Erdogan Demos in der Türkei
Фотографија: DW/D. Cupolo

Во обидот за пуч на 15 јули загинаа најмалку 273 лица, според наводите на владата, 239 „маченици“, односно цивили и припадници на безбедносните сили верни на владата. Ердоган за обидот за преврат го обвинува проповедникот Фатула Ѓулен кој живее во егзил во САД. Во одговор на обидот за пуч Ердоган воведе вонредна состојба во земјата, уапсени се или отпуштени преку 60.000 луѓ, меѓу кои судии, обвинители и новинари. Митингот во Истанбул беше кулминација на долгата редица манифестации против обидот за соборување на власта во Турција и за демократија, кои во Анкара и Истанбул се одржуваат речиси секојдневно.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е револтиран што не доби дозвола од германските власти преку диретно видео-вклучување да испрати порака до своите приврзеници на големата демонстрација одржана на крајот на јули во Келн. „Каде е тука демократијата?“, праша Ердоган. На борците на Курдската работничка партија ПКК напротив еднаш им беше овозможено видео-вклучување во Германија. „Само нека ги поддржуваат овие терористи, и тие ќе бидат погодени од нив“, коментираше Ердоган.