Ердоган: Македонија пред Турција во ЕУ!
29 септември 2011Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган е првиот гостин од висок ранг кој слета на новиот скопски аеродром што го изгради турската компанија ТАВ. На „Александар Велики“, кој беше пуштен во употреба на 6 септември со највисоки државни и воени почести, го пречека македонскиот премиер Никола Груевски. Заедничка констатација е дека нивото на политичките односи е одлично, а пораката од дводневната посета на Ердоган на Македонија е дека таквите релации треба да се пресликаат и на економски план.
Груевски и Ердоган ги оценија македонско-турските односи како искрени и пријателски, со тенденција, како што рекоа двајцата премиери, дополнително да се унапредуваат.
Аирлија членство во ЕУ
Двете земји имаат заедничка историја и култура која се препознава и меѓучовечки врски на пријателство, рече турскиот премиер. Во врска со блокираните евроатлантски интеграции на Македонија Ердоган прогнозираше дека Македонија ќе ја претрка Турција на европскиот пат.
„Грчкиот став за нас е неразбирлив и неправеден. Го знаеме името на Грција – тоа е
Грција. Тоа е многу јасно. Во тој контекст додавките како Горна, Долна, Северна немаат никакво значење“, рече Ердоган во Скопје.
Според него, Македонија ќе стане членка на унијата пред Турција: „Македонија толку брзо напредува што дури мислам дека ќе стане членка на ЕУ пред нас. Затоа уште од сега велиме нека е аирлија.“
Груевски: Да се зголеми обемот на трговија
Домаќинот, премиерот Никола Груевски се заблагодари за огромната помош од пријателска Турција.
„Констатиравме одлични оноси на секое поле меѓу Македонија и Турција, а ориентир за натамошните дејства меѓу двете земји е Договорот за стратегиско парнество. Сакам да ја нагласам принципиелната и доследна подршка од Турција на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО. Имено, со турскиот колега и пријател се согласивме во однос на евроинтегративните процеси доследно да се применува политиката за проширување на Унијата со кандидатите кои ги исполниле условите за членство“, рече Груевски, укажувајќи дека годинава трговската размена меѓу двете земји ќе достигне 400 милиони американски долари.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска