1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган и балканските силници

Бенјамин Парган
22 април 2017

Развојот на ситуацијата во Турција по референдумот на Балканот се следи многу внимателно. Силниците во регионот си наоѓаат потврда за својата стратегија.

https://p.dw.com/p/2biq8
Türkei Konya Erdogan Referendum Rede
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Најмногу пофалби на сметка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по референдумот во Турција стигнаа од Сараево. Членот на претседателството на БиХ и шеф на најсилната партија на босанско-херцеговските муслимани, Бакир Изетбеговиќ, изјави дека претстојните уставни промени ќе ја стабилизираат состојбата во Турција. Како што тоа обично го прават бошњачките политичари, Изетбеговиќ го спомена геополитичкото значење на Турција, со укажување дека резултатите од референдумот ќе ја направат земјата „уште помоќна регионална сила“.

Воодушевеноста на бошњачките политичари од Ердоган е одамна позната. Сликите од пријателските средби на двајцата политичари редовно се вртат на босанските медиуми, сеедно дали поводот бил од приватна природа, како на пример свадба на децата на Ердоган, или пак станува збор за официјална средба. Ердоган и неговиот „брат Бакир“ си се насмевнуваат со доверба и со тоа ја поткрепуваат поврзаноста меѓу нивните народи. Сепак, и покрај ваквата демонстрација на наклонетост, има многу Бошњаци кои критички гледаат на официјално прокламираната поврзаност на народите. Кога Ердоган во спорот со Холандија се обиде дрско и нетактично да ги инструментализира жртвите од геноцидот во Сребреница, многу Бошњаци беа вџашени. Тој тврдеше дека холандските војници, за време на војната во БиХ во 1995 година, масакрирале 8.000 босански муслимани.

„Слични амбиции како оние на Ердоган во Македонија и Србија“

 Набљудувачите во регионот сметаат дека по турскиот референдум нема да има значајна промена на политиката на Анкара кон Босна и Херцеговина и другите балкански земји. Турција е зафатена со војната во Сирија и други проблеми на Блискиот Исток и веќе нема толку многу време и енергија за Балканот, објаснува еден поранешен босанско-херцеговски дипломат.

За турскиот претседател клучна земја на Балканот е Босна и Херцеговина, оценува директорот на Балканската група за политички истражувања во Приштина, Наим Рашити .По БиХ следуваат Македонија и Косово. За Рашити победата на Ердоган не е добра вест ниту за Турците ниту за регионалниот развој: „Слични постапки и амбиции како оние на Ердоган во Турција во последните години се видливи и во Македонија и Србија, со што Балканот станува сѐ понедемократски регион“, вели Рашити. Тој проценува дека во наредните години растојанието меѓу Западот и Турција ќе се зголемува. „И, во врска со тоа, Приштина мора да заземе позиција“, вели Рашити.

Oberhausen Auftritt Yildirim Fahnen
Турција е зафатена со војната во Сирија и други проблеми на Блискиот Исток и веќе нема толку многу време и енергија за БалканотФотографија: Reuters/W. Rattay

Бугарија: 70 проценти против Ердоган

Повеќето аналитичари во регионот се единствени во ставот дека победата на Ердоган, неговите безобѕирни постапки и глодањето на демократијата ќе ги охрабрат силниците во дел од балканските држави. По Орбан и Путин, тие сега имаат уште една потврда дека нивната тактика на прекршување на демократските стандарди и правната држава може да функционира.

Тука исклучок е Бугарија, каде само 17 проценти од Турците со право на глас излегоа на гласање на референдумот. Од нив дури 70% се изјасниле против плановите на Ердоган. Еден од лидерите на бугарските Турци, Ахмет Доган, пред референдумот го обвини Ердоган дека сака повторно да создаде „султанат“.