1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган зборува за „лаги и клевети“

ЕМФ/ард/дв25 мај 2014

Во контроверзниот говор во Келн турскиот премиер Ердоган им возврати на своите критичари во Турција и странство. Тие повторуваат „лаги и клевети“, рече Ердоган. Големите протести во Келн против турскиот премиер беа мирни

https://p.dw.com/p/1C6Ro
Фотографија: picture alliance/AA

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ги обвини своите критичари во Турција и странство дека сакаат да и‘ наштетат на неговата земја. Има сили кои сакаат да го спречат подемот на Турција, рече Ердоган пред околу 18.000 негови приврзаници во Ланксес Арената во Келн.

Ердоган ги отфрли критиките за ограничување на граѓанските права во Турција. Противниците на неговата влада дома и во странство, како што рече турскиот премиер, повторуваат исти „лаги и клевети“. Според него, не е на место ниту критиката на сметка на турската полиција за односот кон демонстрантите, зашто станува збор за „терористички акти“, рече тој.

Околу критиките на сметка на реакциите на турските власти по рударската несреќа, Ердоган рече дека биле неодмерени и дека се води истрага да се најдат одговорните. „Ќе сториме се‘ тие да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Ердоган, кој ги критикуваше и германските медиуми за начинот на кој известувале за несреќата. Дел од германските медиуми, според турскиот премиер, направиле обид да ја искористат несреќата и го навредиле Ердоган.

И покрај сета критика на сметка на Западот, Ердоган подвлече дека Турција останува на целта - приклучување кон ЕУ. Тој рече дека европските политичари треба да увидат дека политичките проблеми во Европа не се решаваат со тоа што ќе се искористува Турција, туку преку соработка со оваа земја.

Demonstration gegen Erdogan- Auftritt am 24.05.14
Триесет илјади луѓе во Келн протестираа против ЕрдоганФотографија: Gezal Acer

Турскиот премиер, за кого се претпоставува дека ќе се кандидира за претседател на изборите во август, не се изјасни директно околу можната кандидатура, но апелираше до Турците во Германија со право на глас (околу 1,5 милиони) да излезат на претседателските избори.

Паралелно со говорот на Ердоган во Ланксес Арената, во Келн околу 30.000 демонстранти мирно протестираа против турскиот премиер. Тие го обвинија за авторитарен стил на владеење со кој се потиснува слободата на мислење во земјата. Заменичката на генералниот секретар на заедницата на Алевитите во Германија, Мелек Јилдиз, побара оставка на Ердоган и на големиот протестен собир рече: „Ердоган, ти си антидемократ“.

Ердоган, инаку, во Келн официјално престојуваше по повод десетгодишнината од постоењето на Унијата на европско-турските демократи - УЕТД. Многу германски политичари бараа турскиот премиер да го откаже доаѓањето, оценувајќи дека тоа е погрешно и е израз на нечувствителност толку бргу по рударската несреќа во Турција. Германската канцеларка Ангела Меркел неколку пати го повика Ердоган на воздржаност.