1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган го забрани Твитер

БГ/миа21 март 2014

Турција го ограничи пристапот до Твитер само неколку часа откако премиерот Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ја „искорени“ социјалната мрежа.

https://p.dw.com/p/1BTch
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Многу корисници кои денеска се обиделе да влезат во Твитер се соочиле со соопштението на телекомуникациските власти во кое се наведува дека сајтот е блокиран по судска наредба. Ердоган вчера на предизборниот митинг во Бурса, десет дена пред локалните избори на 30 март, вети дека ќе го затвори Твитер. Неговата закана уследи само две недели откако најави дека ќе ги забрани Фејсбук и Јутјуб, „ако е неопходно“.

„Ќе го искорениме Твитер. Не ме интересира што вели меѓународната заедница. Секој ќе ја види моќта на Турската Република“, изјави Ердоган.

Во последните неколку недели на интернет се објавени снимки на телефонски разговори, вклучително и таа на која премиерот на својот син му кажува како од домот да изнесе поголема сума пари на денот на полициската операција на 17 декември, со која во земјата почна голема истрага за корпуција. Ердоган изјави дека снимката е фалсификувана. Тој тврди дека „исфабрикуваните“ снимки закачени на интернет, се дело на следбениците на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во прогонство во САД, и дека имаат за цел дискредитација на Владата.