Ердоган ги бара ветените пари од ЕУ
26 јули 2016
Анкара и Брисел го потпишаа контроверзниот договор во март и со него Турција се обврза да ги прими сириските бегалци кои пристигнуваат на грчките острови во замена за политички и финансиски отстапки.
„Ние го исполнивме нашето ветување. Но дали Европејците го исполнија?“, праша турскиот претседател Ердоган во интервју за првиот канал на германскиот јавен сервис, АРД. ЕУ вети 3 милијарди евра помош за Турција, за сместување на речиси 3 милиони сириски бегалци, но не го исполни ветувањето. Од ветените 3 милијарди, досега добивме само 2 милионa“, вели Ердоган.
По неуспешниот воен пуч во Турција, во ЕУ повторно се разгоре дебатата дали договорот за бегалците треба и натаму да се исполнува. Хуманитарните организации уште од самиот почеток го критикуваа договорот.
„Народот ќе одлучи“
Во интервјуто Ердоган го бранеше тврдиот курс кон политичките противници во земјата. Го остава отворено прашањето дали ќе ја продолжи тримесечната вонредна состојба. „Доколку се нормализира состојбата, нема да ни бидат потребни дополнителни три месеци“, рече тој.
Во однос на можното враќање на смртната казна во земјата, Ердоган се повикува на народот. „Доколку живееме во демократска правна држава, народот треба да реши. И што вели народот денес? Тој сака повторно да се врати смртната казна“, рече Ердоган.
Неговиот портпарол Ибрахим Калин претгходно изјави дека бесењето на пучистите го смета за „фер казна“. ЕУ веќе предупреди дека враќањето на смртната казна ќе значи крај на преговорите за членство со Турција.
Денеска беше најавено дека Ердоган ќе се сретне со рускиот колега Владимир Путин кон средината на август годинава, во обид да ги поправат заладените односи меѓу двете земји.