1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ердоган, автократот“

ШО/ФР/ТШ/ЗЦ/ФАЦ/ З.Јордановски 12 јуни 2013

Германскиот печат одвојува многу простор за настаните во Турција. Во коментарите преовладува оценката дека премиерот Реџеп Таип Ердоган од демократ се претвора во автократ и предизвикува расцеп во народот.

https://p.dw.com/p/18oQo
Фотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Со примената на сила против мирните демонстранти турскиот премиер Ердоган ризикува уште поголем отпор, оценува „Шпигел онлајн“:

„Ердоган не само што не ги зема предвид сите понуди за дијалог и ги игнорира умерените тонови од сопствениот табор, туку тој рашири теории на заговор, ги подбуцна своите избирачи на омраза и натамошно ја заостри напнатоста во турското општество. Тоа би можело да биде семе за вистинско народно востание“.

И весникот „Франкфуртер рундшау“ смета дека Ердоган „со секоја акција и говор предизвикува расцеп кај народот. Тој ги подбуцнува своите религиозни приврзеници со погрешни информации и натаму упорно тврди дека зад протестите стоеле странски сили. Ердоган се’ уште не сфати дека протестите се насочени против неговата авторитарна политика и против ограничувањето на слободата на печатот и на јавното изразување на мислење. На мнозинството од демонстрантите им е преку глава некое политичко струење - се’ едно дали кемалистичко, националистичко или религиозно-конзервативно - да им наметнува сфаќања или животен стил. Тие се за нова демократска култура“.

„Ердоган ги потценува протестите“, смета весникот „Тагесшпигел“. Настаните од изминатите денови го поставија прашањето, чие разјаснување досега постојано беше одбегнувано - каква држава сака да биде Турција. „Но сега се покажува дека плаштот на државно единство е многу тенок. Делови од општеството стојат непомирливо едни наспроти други. (...) Економските и реформските постигнувања на Ердоган во последните десет години се неспорни. Востанието во паркот Гези на некој начин дури е последица на неговите реформи, оти откако тој ја предводи владата турското граѓанско општество можеше да се развива како никогаш порано.

Но, при сета политика на отворање, Ердоган никогаш не можеше да ја прескокне сопствената сенка. Тој и натаму постапува од увереност дека мора да се бори за своите исламско-конзервативни приврзеници против ’другите‘ во Турција. Дури и како најмоќен политичар во земјата во последните пет децении, тој се гледа себе си и своите луѓе како жртви. Поради тоа нему му паѓа тешко акциите на демонстрантите да ги прифати како израз на вистинска загриженост и стравувања. И, поради тоа тој понекогаш дејствува како некој владетел во ’арапската пролет‘, кој не ги осознава знаците на времето. (...) Големо прашање е дали Турција ќе успее да најде ненасилни канали за спорните општествени прашања. Ако успее, ќе направи голем скок напред. Но, ако обидот не успее, Турција ќе западне во многу подлабока криза“, проценува „Тагесшпигел“.

„Ердоган, автократот“ е насловот на коментарот во „Зиддојче цајтунг“, во кој, покрај другото, се вели:

„Денес е јасно дека за Ердоган голема побуда не е толку исламот; власта сама по себе, желбата за владеење е тоа што го води. Ердоган континуирано ја проширува базата на својата власт. Неговите следбеници седат во правосудството и стопанството, медиумите се натпреваруваат во укажувањето почест. Во апаратот се чини дека веќе нема никакви противречења. Од побожен демократ тој стана автократ. (...) Многу нешта зборуваат дека премиерот живее во своја сопствена реалност, во која нема многу место за демократија. (...) Тоа се тие хирови кои предизвикуваат побуна кај еден не мал број Турци. Конечно, половината од луѓето не гласаа за него. Дури и во АКП (неговата партија, н.з.) има забележителни фракции кои го отфрлаат султанатот на Ердоган. (...) Тој води опасна игра. Од мноштвото што протестира тој бара да се вклопи во неговиот авторитарен стил. На демократијата и’ поставува нови граници“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.

„Очигледно е дека еколошки протест и граѓанска непослушност не се вклопуваат во политичкиот координатен систем на Ердоган“, вели и „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој смета дека „со оглед на растечкиот авторитаризам на турската влада, прилично е игнорантен планот за отворање нова глава во преговорите за присдтапување кон ЕУ“.