1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП прифати безвизен режим за БиХ и Албанија

7 октомври 2010

Пред завршното гласање за визната либерализација, пратениците на Европскиот парламент им честитаа на Албанија и на БиХ за исполнетите услови. Земјите членки на ЕУ се повикани да дадат „зелено светло“ за безвизниот режим.

https://p.dw.com/p/PXpr
Фотографија: DW

Визната либерализација за сите земји од Западниот Балкан претставува камен темелник за интеграциската политика на ЕУ во тој регион. Со исполнувањето на зададените услови, БиХ и Албанија ги усвоија европските стандарди во областите на правдата, слободата и безбедноста, изјави во Европскиот парламент комесарката за внатрешни прашања, Сесилија Малстром.

„Обете земји ги презедоа сите неопходни мерки и одговорија на сите отворени прашања. Комисијата, затоа, смета дека сите услови се исполнети и врз таа основа предлага одобрување на безвизниот режим“, рече Малстром. Таа изрази очекување дека и земјите-членки ќе постигнат договор за одлуката да биде донесена во ноември.

Во извештајот на Европската комисија се вметнати и безбедносните гаранции на кои инсистираше Франција, оценува претставничката на Комитетот за надворешни работи на парламентот, Сара Лутфорд.

„Ние го понудивме овој договор, со став дека ако се исполнат условите ќе биде доделен безвизен режим. Доколку Франција или некоја друга земја има сомнежи во однос на овој процес не требало воопшто да дава начелна поддршка. Тие сега не можат да ги изневерат сопствените ветувања.“

Bildgalerie 50 Jahre Römische Verträge Bild 6 1979 Direktwahlen Das Europäische Parlament
Фотографија: AP

Француските парламентарци го поддржаа укинувањето

Иако француската Влада се‘ уште го преиспитува своето одобрение за визната либерализација, парламентарката од оваа држава, Натали Грисбек вели дека целата земја не мисли како владата и оценува оти укинувањето на визите е „историски момент“, особено за младите кои целиот живот го минале зад „визниот ѕид“.

„Граѓаните на БиХ поради визниот режим имаа впечаток дека се затвореници во периодот по војната“, изјави пратеничката на европските социјалдемократи Емине Бозкурт:

„Искуството од визната либерализација покажа дека лидерите на БиХ можат да се согласат околу процесите кои бараат брзи реформи. Тоа може да биде позитивен пример за натамошни реформи, потребни на патот кон евроинтеграциите“, вели Бозкурт.

Иако укинувањето на визите генерално беше поздравено, за време на дебатата можеа да се слушнат и спротивни ставови. Белгискиот пратеник Филип Кејс оцени дека со воведувањето на безвизниот режим „во Европа се увезуваат криминал и нестабилност“, бидејќи и двете земји, според него, се „транзитни земји за шверц со луѓе, дрога и оружје“.

Автор: Марина Максимовиќ / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска