1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Емир Кустурица: Само не влегувај во шема

Немања Рујевиќ/Ж.А.9 септември 2016

Генијален уметник, спорна политичка фигура: српскиот филмски режисер Емир Кустурица во Венеција се враќа на филмската сцена. Дали тој прави добри филмови без оглед или токму поради заблудите од кои не се одрекува?

https://p.dw.com/p/1Jyzy
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Karadarevic

Уште од 1981.година стои уредно во трофејната витрина - Лавот од Венеција. Заедно со уште две Златни палми од Кан, Златен глобус и берлинска Сребрена мечка. Меѓународната слава на Емир Кустурица почна со Лавот за филмот „Се сеќаваш ли на Доли Бел“, за најдобар дебитантски филм. Режисерот, сега 61-годишник, би сакал уште малку венецијанска слава. По деветгодишна режисерка апстиненција со нетрпение се чека неговиот од критиката добро сокриван филм „На млечниот пат“, еп за големите војни и малите судбини, кој премиерно се прикажува денеска, 09.09. Гарант на успехот би требало да биде неуништливата Моника Белучи во главната женска улога. Главната машка улога, сценариото и режијата Кустурица си ги довери себеси. Ексцентричниот автор така повторно станува тема во најголемите европски весници. Во делот од Балканот, кој некогаш се викаше Југославија, Кустурица никогаш не исчезна како тема, делумно обожуван како полубог, делумно проколнуван како да е најголем злосторник.

Кустурица - спорна личност во родното Сараево

Во неговото родно Сараево злорадо беше примена веста за неуспехот на неговиот нов филм да се пробие до натпреварувачкиот дел од Канскиот фестивал. Весниците наводно дознале дека уметничкиот директор има најлошо мислење за тој филм. Тоа не е новост, сараевската чаршија хронично се обидува на политички контроверзниот Кустурица да му припише и недостиг на талент. За многумина босански муслимани тој е нешто како ултимативен предавник кој, штом Југославија се заниша и врз градот паднаа првите гранати, ги заборави Сараево и соседите. Опортунист кој уште во текот на војната склопи дил со Слободан Милошевиќ и со негова наклоност и пари го сними ремек делото „Подземје“. За волја на вистината, за Кустурица никогаш не можеше да се докаже дека молчел. Додека трупите на босанските Срби од ридовите го држеа Сараево на нишан, Кустурица на 23. април 1992. година се вклучи во вестите на ТВ Сараево: „Ја користам приликата да го замолам господин Караџиќ со својот авторитет, а верувам дека од мене тешко би направил антисрбин, да влијае врз тие бедници и очајници да не фрлаат гранати врз мојот град!“ Премолчено е дека токму „господин Караџиќ“ беше заповедник на тие „бедници и очајници“.

Filmstill Underground (1995) von Regisseur Emir Kusturica
Сцена од филмот „Подземје“Фотографија: Pandorafilm

Кустурица и моќниците

Босанските муслимани во Кустурица исто така гледаа „бедник и очајник“. Во неговото семејство не играла никаква улога тоа што неговиот татко, партизан и закоравен комунист, официјално имал муслиманска вера. Единствениот бог во домот на Кустурица бил Тито. Меѓутоа, режисерот уште во раните филмови го провоцираше системот. „Татко на службен пат“ зборува за времето на раскинот со Советскиот Сојуз, време кога во Југославија наводните сталинисти преку ноќ се носени во работни логори. Кустурица сепак ја сакаше својата земја, Југославија. Нејзиниот распад беше болен за него: „Муслиманите, Србите и Хрватите нѐ победија нас граѓаните“, изјави тој повеќепати.

Според неговите изјави, Кустурица го напуштил Сараево зашто босанскиот воен претседател Алија Изетбеговиќ сакал да го инструментализира како реклама. „Можев да избирам меѓу тоа да бидам национален херој во родниот град или да бидам омразен кај делот од светот кој од мене сакаше да ја чуе клучната реченица дека Милошевиќ е фашист и гад, а која јас не ја изговорив“, рече во едно интервју за белградскиот весник „Време“. На Кустурица поделбата на добри и лоши му била преедноставена: „Не поради позитивниот однос кон Милошевиќ, туку поради негативниот однос кон она што големиот свет им го прави самоволно на малите народи.“ Очекувањето Кустурица да ја признае својата грешка што наивно во Милошевиќ гледал револуционер, па дури сакал и да го истетовира неговиот лик на рамото, би било преголемо. „Верноста кон сопствените ставови, макар тие да се и заблуди, се остварува во форма на инает“, напиша по тој повод писателот Мухарем Баждуљ.

Мит преку крштевка

Заблуди? Куструрица порадо зборува за потрага. Убеден дека ја завршил потрагата во 2005. година кога се крстил според православен обичај и го допиша името Немања. Така во својата избрана татковина Србија стана жив мит. Самонаречениот интернационалист и Југословен така се најде во сцена со митрополитот Амфилохие и руските моторџии. Делот од српската јавност кој се смета себе си за просветен, забележа цинично дека Кустурица не стана Србин, туку лиценциран српски националист.

Православната црква, разбирливо, има поинакво мислење. Српскиот и рускиот патријарх го одликуваа Кустурица. Заслуга за тоа имаат и огнените говори против независноста на Косово. Според режисерот, поранешната српска покраина е „грабната“ од страна на Американците.

Faye Dunaway Flash-Galerie
Феј Даневеј и Џони Деп во „Аризона дрим“Фотографија: picture-alliance

Лукративни познанства

Тешко е понекогаш зад реторичките страсни изјави да се открие содржината. Она што режисерот го нарекува антиглобализам често се сведува на казан во кој влегува секаква замислива критика на сѐ што носи ознака „западно“ и „модерно“: мултинационални корпорации, Холивуд, но најмногу американската политика која со своите „воспитни бомби“ порамнува терен во разни региони чие значење во иднина ќе се мери според „количството на Мекдоналдс кое ќе може да го конзумираат“. Кустурица е горд на дружењето со луѓе кои делат исти ставови, од Уго Чавез и Ево Моралес до Диего Марадона.

Некои пријателства не се идеолошки, туку прагматични. Негов избор беше дружење со Коштуница, со Тадиќ и со Вучиќ. Тој вели дека му биле потребни за остварување на „мисијата“, мислејќи веројатно на Дрвенград кај Мокра Гора, првично кулиса за неговиот филм „Животот е чудо“, а сега таму има бунгалови за туристи, ресторани, продавници за сувенири, православна црква, кино, скијачки патеки, вилата на Кустурица со базен. Оние кои не го сакаат Кустурица, велат дека зад неговата немиена коса освен уметнички занес се крие и желба за подебел паричник.

Секоја година во Дрвенград се одржуваат разни фестивали, стигнуваат луѓе од црвените теписи, на пример Џони Деп. Уште пред да стане пират од Карибите, Деп соработуваше со Кустурица, така настана „Аризона дрим“ во 1993 година. Во својата автобиографија „Смртта е непроверена гласина“ Кустурица пишува за долгите разговори и пијани ноќи со чад од марихуана поминати со Џони Деп.

Кустурица своите грешки ги негува како имиџ. Неговата најголема надеж, рече тој еднаш, е дека еден ден, наместо него ќе зборуваат трагоите кои ги остава, филмовите, книгите и музиката.