Еликсирот на Хофман - 75 години ЛСД
Ниту една друга дрога при толку мали дози не ја менува толку многу свеста како што тоа го прави ЛСД. Нејзиното дејство е откриено пред 75 години. Еве ја приказната во слики за диетиламидот на лизергиновата киселина.
Чудесна дрога, залудувачка дрога
Од откривањето пред 75 години, ЛСД доби многу имиња. Супстанцијата беше славена и осудувана. Научници, уметници, тајни служби, хипици - со ЛСД се занимаваа најразлични групи на најразлични начини, со најразлични резултати. Она што е неспорно е дека ЛСД остави длабоки траги во уметноста, културата и општеството.
Алберт Хофман: хемичар, мистичар, ЛСД-пронаоѓач
Во април 1943 година Алберт Хофман го откри дејството на ЛСД во една лабораторија на швајцарскиот концерн Сандоз. ЛСД за Хофман на почетокот беше чудо кое го делеше со научници и уметници, но набрзо стана грижа. Популаризацијата на ЛСД во САД во текот на 1960-тите, според него, беше погрешна, затоа што тоа доведе до крај на легитимните истражувања. Хофман до крај веруваше во ЛСД.
Олдос Хаксли и „Вратите на перцепцијата“
Британскиот писател Олдос Хаксли на почетокот на 1950-тите почна со експериментирање со психоделични дроги. Неговите искуства со мескалинот го инспирираа во 1954. да ја напише книгата „Вратите на перцепцијата“. Подоцна тој експериментираше и со ЛСД. Кога во 1963. беше на смртна постела, на Хаксли, кој му беше пријател на Хофман, му беа инјектирани 100 микрограми ЛСД од страна на неговата сопруга.
ЛСД-мисионерот Кен Киси
Американскиот писател Кен Киси („Летот над кукавичјото гнездо“) ја пропагираше ЛСД како дрога за сите. На почетокот на 1960-тите тој заедно со „Мери Пранкстерс“ патуваше низ САД и онаму каде што застануваше, организираше големи ЛСД-забави. Иронија на приказната: Киси дојде во допир со ЛСД преку ЦИА-проект. ЦИА интензивно ја истражуваше ЛСД цела деценија.
Од професор на Харвард до ЛСД-гуру
Тимоти Лири како психолог на Харвард прво ја истражуваше ЛСД за научни цели и разви правила за разумен однос со дрогата. Откако беше отпуштен од Харвард, тој стана лидер на брзо растечка контракултура, која сосема му го заврте грбот на амриканскиот сон. Лири беше прогласен за државен непријател број 1 и во затвор мина многу години.
Вашингтон го возвраќа ударот
Администрацијата на американскиот претседател Џонсон (на фотографијата со австралискиот премиер Холт) се чувствуваше предизвикана и загрозена од новите социјални и политички движења, посебно движењата на младите. Во 1965 година Џонсон, врз основа на извештаите за злоупотреби и несреќи, ја забрани ЛСД. Швајцарскиот конценр Сандоз го запре производството на ЛСД-препаратот „Делисид“.
Лето на љубовта
И покрај забраната на ЛСД, во 1967 година, среде Виетнамската војна, во Сан Франциско, психоделички поттикнато, се појавува силно младинско движење. Дури и ѕвездата од „Битлси“ - Џорџ Харисон доаѓа во изненадувача посета во хипи-квартот Хејт Ешбери.
ЛСД и Силиконската долина
Некои од основачите на големите компјутерски концерни исто така имаат експериметнирано со ЛСД. Бил Гејтс, во интервју за „Плејбој“ призна дека земал ЛСД. Стив Џобс во својата автобиографија дури своите ЛСД-трипови ги опиша како „една од трите најважни работи во мојот живот“. Откривачот на ЛСД, Хофман, потоа во 2007. (како 101-годишник) му напиша писмо на Џобс во кое бараше подетални информации.
Претпазлива ренесанса
Во Европа, Британецот Дејвит Нат има значаен удел во повторното овозможување истражувања со психоделични супстанции, и покрај тоа што постои отпор. Во меѓувреме вакви истражувања има и во Германија - меѓу другото се истражуваат средства против депресија. Притоа, за разлика од порано, сега со помош на томографи може да се гледа како дрогата делува на мозокот.