Електронски фудбалски судија
16 февруари 2014Тоа беше голем скандал во есенскиот дел на Бундеслигата. Штефан Кислинг, напаѓач на Бајер Леверкузен, на дуелот против Хофенхајм ја упати топката во голот од надворешната страна, бидејќи на мрежата имаше дупка. Хофенхајм загуби затоа што судијата немаше увид во ситуацијата.
Случај токму за Дирк Бројхојзен и неговата фирма „ГолКонтрол“, чиј систем „Голконтрол 4Д“ го покрива секој сантиметар од голот.
„Прецизноста на системот е до пет милиметри, понекогаш и подобра. Мислам дека не постои поточно мерење на гол линија“, вели Бројхојзен.
Седум специјални камери ја следат топката и секоја камера прави по 500 фотографии во секунда. Доколку топката ја мине линијата, судијата веднаш добива сигнал.
Во Бразил оваа технологија за првпат ќе се примени на едно Светско првенство. На тој начин ФИФА реагираше на грешките кои се случија на минатото првенство во Јужна Африка: овој шут на Англичанецот Френк Лампард заврши зад гол-линијата, но судијата не го призна погодокот. Германската фирма во Бразил ќе ги опреми сите 12 стадиони. Технологијата на „ГолКонтрол“ ја победи конкуренцијата која нудеше магнетно поле во голот и чипови во топките.
„Нашиот систем е независен од тоа со каква топка се игра на првенството. Тоа значи дека и тревата на стадионот може несметано да се одржува. Камерите се инсталираат независно од теренот. Голема предност е тоа што одржувањето на целиот систем е многу едноставно“, вели Бројхојзен.
Опремата на „ГолКонтрол“ беше тестирана на стадионот Тиволи во Ахен. Системот чини околу 200 илјади евра и се состои од 14 специјални камери и централен компјутер. Системот во Ахен го надгледува Бројхојзен, а останатите 20 негови соработници се во Бразил, каде ја инсталираат опремата. Светското првенство е само меѓуцел. Бројхојзен се надева дека и Бундеслигата наскоро ќе ја воведе оваа технологија, што би претставувало голем бизнис потфат.
„Тоа е домашна лига. Како германска фирма би биле многу среќни доколку постигнеме договор со Бундеслигата, значи, да ги опремиме стадионите во првата и втората Бундеслига. Тоа би била голема шанса“, вели Бројхојзен.
Во Хофенхајм веројатно би се радувале на тоа. Веќе на наредниот меч по Леверкузен, судиска грешка го чинеше клубот два бода: голот на Кевин Фоланд не беше признат, иако топката ја мина гол-линијата.