Wirtschaft Nachrichten
7 мај 2009Производителот на спортски автомобили „Порше“ се откажа од плановите за преземање на „Фолксваген“ и наместо тоа, сега планира фузија со концернот од Волфсбург. Во новиот концерн паралелно ќе егзистираат десет различни марки на автомобили, соопштија раководствата на „Порше-Холдинг“ и „Фолксваген“ по преговорите во Салцбург меѓу семејствата-сопственици на компаниите. Се` уште не е јасно каде ќе биде седиштето на компанијата и кој ќе стои на нејзино чело. „Порше“ го зголеми бројот на акции во најголемиот европски производител на автомобили на 51%, за што се задолжи со околу девет милијарди евра. Презадолженоста беше причина да се откаже од плановите за преземање и да се ориентира кон фузија со „Фолксваген“. На првиот ден по објавувањето на плановите за фузија на „Фолксваген“ и „Порше“ курсот на акциите на „Фолксваген“ падна за 2 процента, додека на „Порше“ се покачи за еден насто.
Германската држава, како што беше соопштено изутрината, поседува 47,31 процент од акциите на Хипо риал истејт-банката за недвижности, која е тешко погодена од финансиската криза. Со тоа државата може да го продолжи процесот на преземање на банката по пат на откуп на акции, наместо со класично подржавување. Практично државата може да смета дека има обезбедено просто мнозинство за да може на претстојното Главно собрание на акционерите, на 2 јуни, да ја стави банката под своја капа, без да има потреба од поддршка и од други акционери. Банката беше одржана во живот само со помош од државата во капитал и гаранции во износ од преку 102 милијарди евра.
Германскиот Телеком забележа загуба од 1 милијарда и 100 милиони евра во првиот квартал од годинава. Ако се изземат од билансот проблемите што ги создаде друштвото за мобилна телефонија Те-мобајл ју-кеј и други вонредни влијанија, „Телекомот“, всушност, би забележал добивка од 655 милиони евра.
Француската банка „Сосиете женерал“ за првпат бележи загуба. Поради оптоварувањата во областа на инвестмент-бенкинг, во првиот квартал од годинава минусот на банката изнесува 278 милиони евра. Минатата година банката постигна добивка од 1,1 милијарда.
Производителот на авиони Ербас објави дека годинава ќе испорача само 14, наместо планираните 18 авиони од типот А 380. Причина е светската економска криза, поради која некои од купувачите на најголемиот патнички авион во светот побарале испораката на нарачаните авиони да се одложи за подоцна. Авионот чини 247 милиони евра и е голем залак за многу компании, кои и без тоа мораат да ги намалат капацитетите оти опаѓа бројот на патниците.
На германскиот пазар на компјутери рецесијата не се чувствува. Во првите три месеци од годинава се продадени за 4 ипол проценти повеќе компјутери, отколку во истиот период лани, или во апсолутна бројка, продадени се околи три милиони компјутери. Посебно добро оди продажбата на мини-лаптоп компјутери, со кои тајванската фирма Ејсер го потисна од првото место американскиот производител Хјулит-Пекард.
Автор: Хенрик Беме / Зоран Јордановски
Редактор: Александра Трајковска