1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата во Донбасот во пад

И.Куприанова/ М.Остапчук/ А.Трајковска 23 јуни 2014

Економијата во украинската индустриска област Донбас силно е погодена од вооруженито конфликт. Нанесени се штети врз инфраструктурата, нарачките се слаби, а на удар е и извозот кон Русија.

https://p.dw.com/p/1CN3n
Фотографија: DW/F. Warwick

Долгата политичка криза се одрази негативно врз украинското стопанство. Од сите украински региони најмногу е погоден Донбасот на југо-истокот на земјата. Згора на сѐ, крај на ваквата ситуација не е на повидок. Имено таму состојбата и натаму ја дестабилизираат проруските сепаратисти.

Според одделот за Доњецк во украинскиот Завод за статистика во првиот квартал 2014 година тамошните претпријатија претрпеле загуби од 37 проценти во просек. Загубите во Донбасот само во првите три месеци од годинава се проценувата на 1,8 милијарди евра, што е повеќе од билансот во 2013 година (1,3 милијарди). Индустриското производство во споредба со истиот период лани во овој регион е намалено за 13 проценти. Причините за тоа се падот на налозите за извоз како и сѐ послабата побарувачка.

Големите фирми сѐ уште го одржуваат производството

Големите фабрики во источно-украинскиот кризен регион досега, според сопствени наводи произведуваат со исто темпо. Но, прогнозите за идните два месеца се разочарувачки. „Сѐ уште работите се одвиваат нормално. Но, се влошија нарачките“, вели за ДВ Володимир Шулиј, раководител на маркетинг оделот фабриката за машини „Ново-Краматорск“

Градот Краматорск се наоѓа во област во која украинските владини трупи спроведуваат анти-терористичка операција. Од април тие се борат во југоисточниот регион Доњецк и Луганск против проруските сепаратисти, кои таму прогласија „Народни републики“. Шулиј смета дека сепаратистите се одговорни за лошите изгледи на претпријатието. „Кој странец ќе дојде кај нас, кога треба да мине 13 улични блокади?“

Ukraine Kramatorsk Gefechte
Фотографија: Getty Images

Трговијата со Русија значително се намалува

Поради нестабилната политичка состојба во земјата сторнирани се многу налози, вели за ДВ Јури Макохон од украинскиот Национален институт за стратегиски студии. Во Донбасот нема брзо да се добијат нови порачки, смета тој. „Најважните претпријатија во тешката индустрија сѐ уште произведуваат, но нивните капацитети веќе не се целосно искористени“, нагласи економскиот експерт.

Според него фабриките во Украина ги имаат прилагодено своите производи на рускиот пазар. Но, тој за нив сега е фактички загубен. „Трговскиот обрт меѓу Русија и регионот Доњецк од почетокот на годината бележи нагло опаѓање“, подвлекува Макохон. На индустријата и товарниот сообраќај голем проблем им претставуваат и штетите на железничкиот систем во завојуваните области.

Plünderung einer Bankfiliale in Donezk
Фотографија: DW/K. Oganesian

Авионски сообраќај веќе нема, што значи огромни економски загуби за регионот. Аеродромот на милионскиот град Доњецк според инфорамции на украинските власти ќе остане затворен до 30 јуни. Туристичките организации во меѓувреме соопштија дека биле откажани сите летови за престојниот летен период. „Персоналот во моменов нема сигурен пристап до аеродромот“, вели за ДВ Дмитри Косинов, портпарол на аеродромот.

Многу мали претпријатија во бегство

Кризата во Донбасот најмногу ги погодува малите и средни претпријатија. Според Јури Макохон тие имаат удел од околу десет процетни од стопанството во регионот. Половината од фирмите изминатите недели се затворија поради зголемените тензии. Ова доведе до значителен пораст на невработеноста.

Има информации дека претприемачите биле уценувани од сепаратистите, продавници биле ограбувани и дури биле киднапирани луѓе. Многу мали претпријатија затоа целосно го напуштија регионот, за да ги избегнат нападите од бандитите на т.н. „Доњецка Народна Република“, вели за ДВ социологот Јарослав Паско.

Економскиот експерт Макохон укажува на тоа дека развојот во Донбасот уште од 2008 година е негативен. „Политичката криза и борбите се разбира ја отежнуваат состојбата“, вели тој. Доколку кризата биде решена брзо и по мирен пат на стопанството во регион на Донбасот ќе му требаат веројатно години, за да го постигне нивото од 2013 година, смета експертот.