1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една слика - илјада молкови

17 август 2017

Доколку грешките на политичарите се несакани, но сепак разбирливи искри на нивната смртничка обичност и човечност, нивното систематско или системско прикривање е веќе одраз на состојбата на духот.

https://p.dw.com/p/2iPVg
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Гафовите се нормален и природен следбеник на политичарите и секоја јавна личност е ставена во фокус на вниманието на медиумите или љубопитните граѓани. Зависно од начинот на кој се справуваат со нив, грешките умеат да бидат потполно деструктивни по политичарите или пак да придонесат кон нивно очовечување пред гласачите како нормални, ранливо несовршени човечки суштества, за кои треба да имаме разбирање и прочка. Но прикривањата на гафовите често знаат да имаат подеструктивен ефект од самата лекомисленост или непромисленост на личноста фатена во афект или непријатна ситуација. А сепак, и тоа е полесно пребродливо од координирана усилба за цензура или игнорирање на грешката во чекори, со цел на избегнување пенали. Бидејќи, доколку грешките на политичарите се несакани, но сепак разбирливи искри на нивната смртничка обичност и човечност, нивното систематско или системско прикривање е веќе одраз на состојбата на духот, кородирано разбирање на отчетноста пред јавноста и зародиш на политичка корупција на системот.

Дел од јавноста деновиве имаше можност на дело да увиди еден таков пример на тежок политички гаф и будалест обид за негова организирана дезавуизација. Конкретно, станува збор за приказот на премиерот Зоран Заев во придужба на Динко Валев, злоимениот ловец на бегалци во Бугарија и „лице на новата екстремна десница на Европа”, како што е именуван од западниот печат. Благодарение на селективниот пристап на нашите „медиуми”, верувам дека многумина од вас немале можност да ја видат сликата на која Заев се клешти прегрнат со Валев, пригодно облечен во костум скроен според стајлингот на морнарот Попај. Сѐ на сѐ, обична „свадбарска” фотографија во која (освен наведениот стајлинг) ништо не отскокнува, освен веселоста на усликаните и нескриената взаемна блискост. Која кабинетот на Заев, во недостаток на други аргументи, се обиде да ја дезавуира со образложение дека премиерот е „човек од народот” и дека станува збор за „случајна средба како и повеќето” (sic!).

Замена на актери без промена на сценариото

Очекувано, информацијата и сликата беше нашироко пренесена од опозициските медиуми на екс-режимот, и уште поочекувано беше целосно цензурирана од медиумите наклонети кон Заев или пак блиски до неговиот кабинет. Што секако налага да се запрашаме што би се случило доколку наместо „убавиот човек” (како што Валев го комплиментира Премиерот наш) на истата слика би се наредиле, да речеме, Илија Димовски, Антонијо Милошовски, Зијадин Села или некој од клетите неутрално неопределени мрсници? Наместо да се заморувате со замислување, доволно е да се посетат сѐуште активните и уредни написи низ социјалните мрежи во кои следбениците на ликот и делото на Заев доживуваат напади на гнев и шокираност од сликите на Груевски со сличните домашни и увозни пропагандни пациенти на фашизмот. Сѐ на сѐ, замена на актери без промена на сценариото.

Сепак, тешко е да не се согласиме со описот на кабинетските писари на премиерот, дека Заев е „човек од народот”. Дури и доколку го пренебрегнеме фројдијанското признание за неговата евидентна популистичка наклонетост, доволно е истата да ја ставиме во контекст на неговата веќе очигледна фасцинираност и наклонетост кон турбо-фолкерство, шунд и колоритни карактери сместени на граница помеѓу подземјето и предградието. Почнувајќи од неговата едвај прикриена заљубеност во Цеца на Аркан, па сѐ до советничко-поверителната доверливост со политички ексклузиви како Башановиќ. При што прегратките со Валев веќе не делуваат како скандалозни, туку како сосема нормални изблици на блискост според чудниот кантар на премиерот за мерење ликови достојни за негова дружба.  

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Преференција за контакти со десничари

Наклонетоста и симпатиите на Заев кон дружење со фигури од кои било кој нормален премиер би се оградил со гадење, не би биле толку битни, доколку самиот избор не коинцидира со една друга карактеристика, која ги надминува персоналните политики на првиот социјалдемократ. Имено, интересно е што и покрај неколкуте влади во регионот составени од социјалисти или левичари (како природни партнери на СДСМ), Заев отворено преферира да општи и комуницира со десничари. Неговата блискост и должничка обврска кон Бојко Борисов е разбирлива, за разлика од неспремноста да ја искористи (барем според име) идеолошката спона со Ципрас и Рама во регионот или профитира од членството во Социјалистичката интернационала. 

Но идеолошкото шарлатанство на Заев - социјалдемократот и политичката недисциплина на Заев - премиерот се сепак посветлата страна на месечината, за разлика од темната страна во која чмаат и се кријат инженерите на неговиот подем. Сликањата на Заев со криминалци или расистички, исламофобни измачители на муслимански бегалци се лесно податливи за осуда поради неговата кратковидост, неодговорност, желба за провинциско фалбаџиство и фрапантна политичка незрелост. Што не може да се каже за неговите следбеници, кои смислено ги премолчуваат или кријат зачестените гафови на лидерот, а притоа не покажуваат премногу успех или заложба за неговото превоспитување и кротење според мерка на одговорен политичар и службеник. И со тоа, ликовите од опкружувањето и воопшто поддржувачите на Заев се подеднакво одговорни и виновни за гафовите на премиерот (полу)избран да биде во служба не само на нив, туку на сите нас.

Доколку цените дека таквата констатација е претерана, запрашајте се како никој од заевистите и целата шарено-револуционерна братија не најде за сходно да каже еден прекорен збор за прегратките со човек кој третира бегалци како дивеч за лов? Како никој од инаку громогласните муслимански бранители на анални вредности и чедности не се потресе од насила легнатите бегалци фатени од Валев, кои неминовно потсетуваат на сликите од Сребреница? Што ги замолкна бранителите на децата за барем со еден збор да го потсетат Заев дека е недостојно да се слика со човек кој гони деца? Каде се славните феминистки на СДСМ, да крикнат за присноста со човек кој ѕверски тепа жени? Каде се новинарите на Пломп-медиумите да се солидаризираат со колешката Татјана Кристи која добила закани од Валев? Што ги замолкна хонорарците на Сорос, Усаид, да не се згрозат пред насловите за Валев како „нео-нацистички виџиланте”? Остана ли некој од овдешните Хелсиншки комитетџии да побара објаснување од Заев што има заедничко со човек кој изјавува дека колегите од „Хелсиншкиот комитет се тотални лузери”? Додека Шеќеринска се потресува пред Блумберг дека Русија само што не вмарширала на Табановце, можеби пред јавноста ќе ја објасни јаранската блискост на нејзиниот шеф со човек кому „Путин отсекогаш му бил инспирација”? Каде се верните гласачи да запрашаат каков морален модел е премиерот за младите и децата?

„Клин контра клин“

Оптимистите меѓу нас ќе се обидат да се утешат во надежта дека кога веќе домашните инструменти на санкција и критика не функционираат, можеби пријателите од меѓународната заедница ќе најдат начин да му укажат на веселиот Заев дека средбите на премиери се по функција и по ефект повеќе од приватни дружења и во себе носат политички пораки. Камо среќа, но поради искуствата од блиските мината, не би се надевал и не би очекувал премногу од такви епилози. Колку за споредбена илустрација, памети ли некој, било кој странски дипломат или претставник да се запраша јавно за сликите на Али Ахмети симптоматично опкружен со 9-мајските герилци од Куманово?

Вртоглавите интерпретации на опозициските медиуми за позадините на средбите на Заев со балкански сомнителни лица се очекуван дел од репертоарот. Многу помалку штетни од апологетските цензури и глумења на лудило на неговите поддржувачи кои во име на демократијата, дојдениот живот и реформите се спремни да му прогледаат низ прсти дури и за потези со кои директно се атакуваат и побиваат сите нивни вербални аргументи дека „не се исти”. Дотолку повеќе што самото поведение на Заев навестува дека тој буквално ги има послушано советите во справувањето со ВМРО-ДПМНЕ да користи методи на ВМРО-ДПМНЕ. А притоа олекуваат различни конечни резултати од оние на режимот Груевски. Апсурдноста на таквата логика на „клин контра клин” е не само кратковидно наивна, туку и погубна за сите нас.  

Власта не те прави ваков или онаков. Власта го вади твоето вистинско Јас на површина и со секој ден го засилива поривот за разголување на волкот или ангелот во себе. Вкусот на Заев за избор на другарчиња веќе не може да биде интерпретиран како неискуство или „карактер на народен човек”, туку како манифестација на неговите духовни светоназори и наклонетости.  И одговорноста за таа метастаза лежи подеднакво врз него и тежи врз плеќите на неговите следбеници и спонзори кои поради сопствени стравови или профити, смислено го размазуваат и хранат неговото его. Нивниот молк зборува повеќе од сликата. Или пак и за неа вината ќе ја лоцираат кај Путин, Ердоган и Мугабе?

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема