„Една сабота“ во Чернобил или во Фукушима
9 април 2011Руско-германско-украинската продукција се обидува да ги реконструира 24-те часа по несреќата која се случи на нуклеарниот реактор во Чернобил. Во фокусот е интимната приказна на еден советски политичар. Сценариото, значи, не е типично за филмови кои отсликуваат катастрофи.
„Сабота е и сонцето свети, тревата уште е зелена. Невина сабота, а луѓето се безмилосно препуштени на својата судбина“, со овие зборови рускиот режисер Александар Миндадзе во својот филм ја опишува атсмоферата. Тој ја користи нуклеарната катастрофа во Чернобил како кулиса за својата приказна. Нејзин главен јунак е Валериј Кабиш, млад, лојален член на партијата. Тој дознава за несреќата во реакторот и за почетните обиди на одговорните политичари и техничари да го забошотат настанот. Решава да побегне со својата девојка, но не стигнуваат на возот, па се осудени да останат на контаминираното подрачје.
Слика на советското општество
Миндадзе го прикажува обичното секојдневие на младиот пар. Венчавката на која одат и на која луѓето, не насетувајќи ја катастрофата која се надвива над нив, раскалашно слават. Пијат, пеат, се смеат. Меѓу гостите почнува кавга, тие се мират по неа, сосемо обично секојдневие на луѓето во Чернобил. Режисерот не сака да ги прикаже конкретните последици на радиактивнотo зрачење.
„Една сабота“ е приказна за советското општество од 80-те години на минатиот век, дава широка панорамска слика на општеството збиена во 24-те часа. Додека луѓето слават, земјата се наоѓа на работ на амбисот. Нуклеарната катастрофа станува алегорија на распаѓањето на социјалистичкото општество.
Нуклеарни катастрофи и порано беа тема на филмови
Години пред несреќата во Чернобил рускиот режисер Андреј Тарковскиј во 1979 година во својот филм „Стокер“ искористи една нуклеарка како кулиса за својата приказна. Тогаш тоа беше интерпретирано како апстрактно уметничко предупредување. Некои други филмови од Запад беа поконкретни, најпознат е веројатно холивудскиот филм „Кинески синдром“ со Џејн Фонда и Мајкл Даглас во главните улоги. Тој филм, снимен истата година како и „Стокер“, поттикна сериозни дебати за атомската енергија.
Опасноста од радиоактивноста во филмската историја пред се‘ е тематизирана во контекст на последиците од фрлањето атомска бомба во Втората светска војна и заканите од нуклеарното оружје. Несреќите во нуклеарките се феномен кој стана познат дури последниве години, но главно се работеше за комерцијални блокбастери и класични филмови за катастрофи.
Филмот на Александар Миндадзе прикажан во Берлин во официјалната конкуренција на Берлиналето, меѓународниот филмски фестивал, затоа пополни своевидна дупка во филмската продукција. Тоа го препозна и неговиот германски дистрибутер. Неговото доаѓање во кината беше планирано за 21 април, но за жал, по катастрофата во Јапонија, стана горливо актуелен, па започна да се прикажува уште порано.
Автор: Јохен Куртен/ Жана Ацеска
Редактор: Симе Недевски